Прекинат летот на „Силјан“ до „Оскарите“. Котевска: Ни малку не сум разочарана – македонска приказна одекна во светот!

„Приказната за Силјан“ нема да го продолжи патот до 98. церемонија на „Оскарите“. Филмот на Тамара Котевска не влезе на листата на потесен избор од 15 документарци што Американската академија за подвижни слики, уметност и наука вчера ја објави, иако според многу предвидувања на светски медиуми, важеше за кандидат за номинација за златната статуетка.

– Среќна сум поради тоа што една македонска приказна одекна во светот и поради поддршката што ја добиваме јас и филмот од целата нација. „Силјан“ станува значаен и гласен, а тоа е најдлабоката поента на едно филмско дело. Не сум ни малку разочарана. Два пати одам на кампања и знам какви се’ политички ситуации се случуваат со тоа. Поради тоа и не сум разочарана оти за мене приказната некако и заврши откако „Нешанал џеографик“ го купи филмот, што е врв за еден филмаџија – рече Котевска, синоќа на организираното проследување на прогласувањето на потесниот круг на номинации.

Оваа година имаше убедливо најголема конкуренција за документарни филмови, категорија од 201 филм, каде освен пандемиската година кога имаше 238, период кога се дозволија и доста отстапки: рокот за пријавување се растегна од 12 на 14 месеци и се земаа предвид и филмови кои не беа прикажани во кино. Оваа година беше најплодна година на документарниот филм. Денес се објавија и тесниот избор на филмови за најдобар странски филм, каде се квалификуваа вкупно 86, како и листата за најдобар анимиран филм, каде имаше конкуренција од вкупно 35 филма.

„Приказната за Силјан” на Тамара Котевска беше квалификуван во две категории: најдобар странски филм и најдобар документарец. Филмот го откупи National Geographic, и до сега доби голем број значајни и релевантни награди и номинации на фестивалот во Венеција, NYDOC, IDA, Spirit, PGA Award, Eye Cinema Audience Award и ред други. Македонската кампања за Оскари во категоријата најдобар странски филм е поддржана од страна на Агенцијата за филм на РСМ. Филмот продолжува да го живее својот пат во киносалите.

Ова е листата на сите филмови што влегоа во потесна трка за „Оскари“.

Сподели