„За нас почнува живот“ на Пројковски, „Широк дијафазон“ на Сашко Коцев во Прилеп

На сцена 105 во Прилеп вечерва во 20 часот ќе биде изведена „За нас почнува живот“ – современа трагикомедија за човекот кој сонува. Претставата не се занимава со големите наслови на светот – туку со тишината меѓу двајца, со зборовите што не се кажани, со љубовта што опстојува и кога е скршена…

– Оваа претстава не е бајка. Таа е огледало. И во тоа огледало не се гледа совршенство, туку мали луѓе со големи соништа, заробени меѓу идеали, разочарувања и трагање по среќа – велат од Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Автор е Ѓерѓ Шпиро, режијата е на Дејан Пројковски, а улогите ги толкуваат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Нино Леви. Автор на музиката е Горан Трајкоски.

Утревечер во 20 часот популарниот актер Сашко Коцев ќе го реализира неговoто стенд ап шоу „Широк дијафазон“. Гостувањата се дел од одбележувањето на јубилејот 75 години Народен театар „Војдан Чернодрински“, кој со претставата „Чиста куќа“ од Сара Рул, во режија на Тамара Стојаноска, викендов гостуваше во Никшиќ. Задутре, пак, во 20 часот на сцена 105 ќе биде изведена првата реприза на претставата „Црнила“ во режија на Пројковски.

Сподели