Исклучителен шпански трилер „Пиги“ во режија на Карлота Переда, ќе има специјална проекција утревечер во 20 часот во Кинотеката на Македонија. Вознемирувачкиот филм ѝ го отвори патот на режисерката Переда кон меѓународната сцена и ја утврди како едно од најзначајните имиња во современиот хорор. Настанот се реализира како соработка на Кинотеката на Македонија и Амбасадата на Шпанија во нашата земја.
Во задушливото лето на рурална Екстремадура, тинејџерката Сара – маестрално интерпретирана од Лаура Галан – секојдневно се соочува со сурово врсничко насилство. Нарекувана „свинче“ и запоставена дури и во сопствениот дом, таа живее во изолација. Но, еден случаен и сериозно вознемирувачки настан кај локалниот базен ја втурнува во мрачен круг на одмазда, претворајќи ја потиснатата болка во шокантно, но и катарзично ослободување.
„Пиги“ е маестрален спој на психолошки трилер и хорор, создаден врз основа на наградуваниот краток филм на Переда од 2018 година. Филмот храбро ги отвора темите на телесната стигма, малтретирањето и траумата, градeјќи атмосфера натопена со напнатост, која кулминира во незаборавно кинематографско финалe.
Филмот е за публика над 16 години, а влезот е слободен.





