Вие сте гордоста на ФЕИТ. Вие сте доказ дека еден факултет не го прават само зградите, опремата или програмите, туку луѓето кои поминале низ неговите порти и оставиле белег во општеството, рече деканот Владимир Атанасовски на одбележување на 50 години од дипломирањето на инженерите по електротехника на Факултетот за електротехника и информациски технологии во 1975 година. По тој повод, златна диплома им беше доделена на 22 присутни инженери кои се потсетија на своите студентски денови, раскажаа настани од нивното студентско искуство и споделија совети за помладите колеги.
Златните дипломци на ФЕИТ се носители на иновации, креатори на решенија и визионери кои ја водат заедницата напред. Заслужни се за планирањето и развојот на критичната електроенергетска инфраструктура на Македонија, развојот на националната телекомуникациска инфраструктура, како и развој на системски решенија за одржување и подобрување на индустриските процеси.
– Ова не е само свечен настан, туку момент на длабока почит кон вас – генерацијата инженери која пред половина век го понесе предизвикот да ја гради технолошката иднина на нашата Македонија, но и на светот. Овие генерации, тогашни млади инженери, биле тие што ги креирале темелите на современата енергетска мрежа и што ги изградиле телекомуникациски врски и што ја отвориле Македонија кон светот, а со тоа и било овозможено на индустријата да расте, да се модернизира и да стане двигател на развојот – рече Атанасовски.
Традицијата на доделување плакети – златни дипломи е почна во 2019 година, по повод тогашниот 60-годишен јубилеј на ФЕИТ.





