Во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Белград (Ул. „Кнез Михајлова“ 53) денеска во 12 часот ќе биде отворена изложбата „Нишки / Threads“ – мултимедијална поставка со дела од 13 постдипломци од сите студиски програми на скопскиот Факултет за ликовни уметности. Со отворањето, Галеријата на ФЛУ во Белград повторно се активира како простор за современи уметнички дијалози, потврдувајќи ја важноста на институционалната размена, мобилноста и унапредувањето на современите уметничко-истражувачки практики. На отворањето ќе присуствуваат повеќе претставници на ФЛУ, деканката Славица Јанешлиева со колегите Слободанка Стевческа, Гоце Наневски, Ангел Миов и Велимир Жерновски заедно со четворица постдипломци.

Изложбата се надоврзува на гостувањето „ФЛУ Апертура 2024“ во Скопје, под кураторство на Немања Николиќ, кое ја истакна разноликоста на уметничко-истражувачките теми во рамки на докторските студии на Белградскиот факултет. Преку проектот „Нишки“, магистрандите од Скопје ги преточуваат своите индивидуални уметнички истражувања во заедничко мисловно ткаење. Насловот функционира како метафора — линија на поврзување која ги спојува различните медиуми, тематски простори и визуелни јазици, како и методологиите и истражувачките процеси на двата факултети.
Со свои дела ќе се претстават: Доротеј Нешовски, Ангела Савеска, Кристина Таневска, Марија Трпеска, Дорина Тенева, Мартина Спасовска, Андреј Антевски, Ана Лазаревска, Елена Димова Пантелиќ, Стефан Јакимовски, Михаил Паскоски, Беркант Хасаничај и Елена Димоска.

Проектот претставува значајна платформа за развој на критичко мислење, иновативност и професионални компетенции кај студентите, поттикнувајќи заеднички интердисциплинарни иницијативи кои ги афирмираат современите уметнички модели во високото образование.
Изложбата е резултат од соработката меѓу Факултетот за ликовни уметности во Скопје и Факултетот за ликовни уметности во Белград. Ќе биде отворена за сите љубители на современата уметност, за академската и културната јавност од регионот до 29 декември.





