„Д Фестивал“ е избран меѓу 10-те најдобри фестивали во Европа за претстојните Европски фестивалски награди (European Festival Awards 2025), најпрестижното признание на европската фестивалска индустрија, соопшти „Пасворд продукција“. За номинираните фестивали гласаше публиката од цела Европа.
– Ова е историски успех и огромно признание за македонската независна фестивалска сцена. Според европските стандарди за музички фестивали, „Д Фестивал“ е во најтесниот избор во категоријата Најдобар мал европски фестивал, односно со капацитет 10.000 посетители дневно, а во финалето е заедно со фестивали од Швајцарија, Данска, Италија, Холандија, Романија, Бугарија и Србија – велат од „Пасворд продукција“.

Ова е втор македонски фестивал кој успеал да се искачи до листата на 10 најдобри, по „Таксират“ кој се запиша во оваа селекција со своите изданија во 2016 и 2022 година.
– Пласманот меѓу најдобрите фестивали во Европа претставува силна меѓународна валидација за долгогодишната посветеност на фестивалот – за уникатниот програмски концепт, продукција, уметничката програма, доживувањето за посетителите и развојот и брендирањето на нови локациски идентитети – велат од „Пасворд продукција“.
Победниците во секоја категорија ќе бидат објавени на официјалната церемонија на Европските фестивалски награди, што ќе се одржи на 14 јануари во Гронинген, Холандија.
„Д Фестивал“, основан во 2011 година, е препознатлив како единствениот open-air фестивал во Македонија кој се одржува секоја година со тридневна мултидимензионална програма. Фестивалот секоја година гради уникатна фестивалска заедница, посветена на слободниот креативен дух, инклузивноста и одржливите практики.
По трагедијата во Кочани, „Д Фестивал“ се посвети на хуманитарната мисија, откажувајќи се целосно од приходот од влезници кој го донираше во соработка со иницијативата „Support Кочани“. На хуманитарниот „Д Фестивал“ годинава во Штип настапија: Д Систерс оф Мерси, Соулфлај, Инер Сркл, Томи Кеш, Кирил Џајковски, Буч Кесиди, Мизар, Архангел, Фолтин, Прљаво Казалиште, Љубојна, С.А.Р.С., Драган Мијалковски, Дина Јашари, Паркети, Пијан Славеј, Доуп Куќата и уште десетици други музички артисти од Македонија.
Следното издание на „Д Фестивал“ е закажано од 26 до 28 јуни во Штип, а најавени се и првите гости – IDLES – британските панк-рок ѕвезди и моментно еден од најважните лајв бендови во светот, во зенитот на својата кариера.Во продажба се и првите, „Ран корморан влезници“, достапни на веб-сајтот и благајните на МкТикетс.





