Аница Добра: „Бело се пере на деведесет“ не е женски филм, туку филм за сите нас

Tрогателен, инспиративен и на моменти проткаен со хумор, филм што не остава никого рамнодушен – ова се впечатоците на публиката, но и на актерската екипа на филмот „Бело се пере на деведесет“ кој синоќа беше прикажан на 24. Синедејс. Дел од екипата на филмот, предводена од славната српска актерка Аница Добра и словенечката актерка Леа Цок, беа гости во Скопје, а денес одржаа и прес-конференција во Младинскиот културен центар.

Аница Добра доживеа одлична транформација во улогата на бабата Дада, жена што го држи семејството на купче, кога се случуваат големи предизвици. Таа е баба на Броња, што ја глумеше актерката Леа Цок, која се справува со смртта на нејзините мајка и брат, како и сопствената битка со ракот.

Добра истакна дека со месеци се подготвувала за улогата, не само физички, но и ментално и дека дури ниту нејзиното семејство не можело да ја препознае.

– Иако зборува за жените, ова не е женски филм, туку филм за сите нас. Ние не се трудевме да правиме спектакл. Немаме доволно пари, искуство, а ни потреба. Ние не се занимаваме со спектакл, туку со микрокосмосот на едно семејство, кое не е многу различно од кое било семејство на овие простори. Тоа нешто не’ поврзува и сите може да се препознаеме. Тоа семејство и таа приказна колку е обична, толку е и искрена и претпоставувам затоа е толку силна. Сплетот на драма и хумор ја прави оваа приказна така препознатлива, потенцира Добра.

Сценариото емотивно ја погодило уште кога и го пратил продуцентот Алеш Павлин, кој исто така беше гостин на фестивалот.

На прес-конференцијата денес зборуваа и копродуцентот од Македонија, Томи Салковски од продукцијата „Црна мачка“, продуцентот од Словенија, Алеш Павлин и словенечката актерка Леа Цок .

Актерката Цок изјави дека улогата во филмот ја научила да се запознае себе, да разбере дека сите имаме некои предизвици во животот и оти тоа не е казна, туку прилика да се запознаеш себе си, да се запознаеш колку си силен, посилен отколку што мислиш.

– Некои плаќаат тренери за личен развој за да сфатат кои се и какви личности се, јас со овој филм тоа го добив бесплатно. Во основата е наратив за растењето, истовремено е и соочување со загубите и со болеста, и го доловува напорот за припитомување на стравот и на сето она што не сакаме да го видиме додека не се соочиме со него неминовно“, рече Цок.

Навистина ми е драго, да не бидам патетичен, што ни успеа ваков филм кој ги поврзува луѓето и регионот, вели продуцентот Павлин. Тој се надева дека филмот ќе стане словенечка филмска класика.

Тој најави дека филмот ќе има премиера и во Италија, каде се снимени дел од сцените, а во Словенија го виделе повеќе од 50.000 гледачи.

Во 2019 година, автобиографски роман на словенечката писателка Броња Жакељ ја доби престижната книжевна награда „Кресник“, и романот стана најпродаваната белетристика на сите времиња во Словенија. Филмот е адаптација на романот, по сценарио кое заедно го потпишаа со режисерот Марко Набершник. Во 2022 авторката беше гостинка на Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје и потпишуваше примероци.

Македонскиот копродуцент Томи Салковски рече дека му е драго што Скопје е меѓу првите градови во регионот каде што се промовира филмот, по светската премиера на Сараево филм фестивал во август и во Љубљана. Филмот е во копродукција меѓу шест земји: Словенија, Италија, Хрватска, Србија, Македонија и Црна Гора, и Европскиот фонд за копродукции Еуримаж.

– Долго време размислувавме со Алеш како да почнеме и на крај одлучивме дека е најдобро да почнеме со фестивал, а потоа во редовен кино репертоар да отиде. Се надеваме дека на крајот на годината или во јануари дека во „Синеплекс“ ќе почне со редовен репертоарски програм, рече Салковски.

Сподели