Ана Голејшка-Џикова ја одушеви Љубљана со својата поезија

Поезијата на македонската поетеса Ана Голејшка-Џикова беше централен книжевен настан во Љубљана. Настанот „Ад хок“ во градската библиотека „Отон Жупанчич“ е еден од најважните настани во книжевниот живот на Словенија во целост беше посветен на поезијата на Голејшка-Џикова. Разговорот со неа го водеше Соња Цекова-Стојаноска, која ја препеа нејзината поезија на словенечки јазик.

– Учеството на еден ваков повеќеслоен настан кој прегрнува поезија, музика и слика е нешто што ми е блиско, со задоволство го доживувам и му се радувам. Благодарна сум на организацијата за отстапениот простор, за проникливите прашања на Соња Цекова-Стојаноска како и на целокупната енергија што ја заокруживме во библиотеката. За жена која сака да пее, ужива во визуелните сензации и притоа (не)случајно е поетеса, овој „Ад хок“ беше вистинска радост и задоволство. Како да зачекорувам во позната, динамична вода во која лековито исчезнува секоја грижа. Љубљана е таква. Таков беше и настанот – вели Голејшка-Џикова.

На поетското читање настапи и саксофонистот Јошт Драшлер, а визуелниот приказ на поезијата на Голејшка-Џикова го оствари илустраторката Полона Косец. Настанот го модерираше Петра Коршич, авторка и кураторка на серијата настани „Ад хок“.

Сподели