Магијата на импровизацијата или како македонскиот мелос се вкрстува со светските ритми

Разговорот со Добрила Грашеска често ни го прекинуваат минувачи кои ја поздравуваат, а таа пак секому возвраќа со насмевка и трпение, и така брзо станува јасно дека не се води разговор со „музичка ѕвезда“, туку со уметница длабоко вкоренета во својот локален културен екосистем низ разговор

Пишува: Звонко Димоски

Прилеп, сабота, пазарен ден.
Пазарниот ден го исполнува градот со својот препознатлив акустички пејзаж: џагор на улични продавачи, шушкање на најлончиња и суви пиперки, ценовни негодувања покрај тезги, лаеж на улични кучиња, довикувања на од вчера невидени пријателки, проба за нечија вечерна свирка. Тоа е контекстот во кој ја започнуваме оваа теренска средба со Добрила Грашеска, вокална уметница чиј глас, заедно со утот на Дориан Јовановиќ создава еден од најзначајните современи пристапи кон македонската традиционална музика.

Фото: Викторија Симјановска

Причината за нашиот разговор е нивниот неодамнешен престој во Хелсинки (Финска), односно настапот на престижниот Etnosoi! фестивал, работата со интернационални постдипломци во рамки на Одделот за глобална музика при Сибелиус Академијата, и серијата мастер-класови што ги одржаа таму.

Седнуваме во едно мало кафуле до Саат-кулата, избор кој не е случаен, бидејќи контекстуалната етномузикологија одамна ја нагласува важноста на местото, амбиентот и социјалната интеракција во разбирањето на музиката како појава. Разговорот често ни го прекинуваат минувачи кои ја поздравуваат Добрила, а таа пак секому возвраќа со насмевка и трпение, и така брзо станува јасно дека не се води разговор со „музичка ѕвезда“, туку со уметница длабоко вкоренета во својот локален културен екосистем. Впрочем, токму таа искрена и непосредна вкоренетост ја прави музиката на Добрила и Дориан Доу достапна, препознатлива и автентична.

Дориан Јовановиќ и Добрила Грашеска / Фото: Тања Рибарска

Разговараме за интернационалните настапи на дуото, нивниот последен ангажман во Хелсинки, со идеја да пренесам како тие ја доживуваат улогата на музика „од дома“ кога се изнесува на меѓународна сцена. Грашеска и тука не бега од кодот, објаснувајќи дека…

– Претставувањето на она што го имаме од дома пред туѓи очи, (или уши, во случајов) е како да ги вадиш на тераса јамболлиите или плетениците на некој сведен. И тоа сè уште е традиција во некои од нашите градови за кое мислам дека е многу шармантно. Луѓето поминуваат, одат до некое светилиште и разгледувајќи ја околината им паѓаат ракотворбите в очи. И можеби на таа патека ќе видат многу јамболлии или килими, но сите се различен израз – онака како што го имал оној што го создавал – кој со повеќе, кој со помалку креативност. Доколку има натпревар, некој од килимите ќе оди на „повисоко“ ниво на оценка и тогаш гледаш каде си ти и твојата креативност меѓу останатите. Се разбира, ќе има и очи кои ќе светнат кога ќе го видат твоето дело, и некои ќе се замрачат, но тоа е дел од процесот на мерење на сопственото творештво во тој нов контекст, во тој нов свет. На тој начин и ние ја претставуваме нашата музика, но овој пат не за да се „измериме“, ами да ја прикажеме, давајќи од неа и прилепувајќи од другите кон себе. Тоа е нешто што го научивме овој период, низ сите овие патување, учество по фестивали и дружба со неверојатни луѓе. А тоа искуство не може да се собере од „домаседење“ – вели таа.

Оваа метафора, иако едноставна, ја доловува перцепција на дуото кон сопственото творештво ставено во нов контекст, потврдувајќи дека народната традицијата како изведба не е, и не треба да биде еднонасочен процес, туку релација ставена во повеќекултурен контекст, при што клучот е во размената на искуства и знаења.

Излегуваме од кафулето и тргнуваме низ прилепската чаршија. Разговараме и размислуваме во простор преполн со архитектонски, социјални, звучни и историски слоеви. Добрила постојано ја запираат — занаетчии, продавачи, млади музичари. Секој поздрав, сведочи за и одеднаш станува дел од живиот фолклор на задницата. Ваквите моменти, истовремено се и како личен пример за она што Добрила неколку пати го потенцира во разговорот – дека „трансмисијата на традицијата не се случува само на сцена, туку во секојдневниот контакт, во заедницата која ја живее музиката. Ваквата непосредност е во основата на нашата комуникација со интернационалната публика.“ Тука веќе заинтересирано ја прашувам како допираат до слушателот кој можеби нема претходно искуство со македонска чалгија, јазикот или традиционална музика.

Фото: Викторија Симјановска

– Тоа е „каменот“ пред кој многумина застануваат и се вика: „Како да им ја приближам мојата музика на луѓето што ме слушаат, но поради јазичната бариера не разбираат ниту еден збор?“ И тоа е навистина тешко, но за секој проблем може да се најде решение. Во животот постои нешто што се вика дух, а тој не знае за јазици, туку само за емоции – оние што лебдат од една и стигнуваат до друга душа и притоа мора да се искрени. Мислам дека барајќи го одговорот, ние стигнавме до оваа вистина: дека на таков настап, на кој луѓето не знаат ништо за тебе, мора да бидеш искрен: до солза или до насмевка од срцето. Приказната ќе се дознае преку чувствата кои се покажуваат низ пеењето и свирењето, преку насмевката и преку духовитоста која секогаш опушта и преку која најбрзо се поврзуваме. Чиста духовност. Затоа е лесно да се комуницира музички – затоа што таа е најестетската уметност од сите и само лебди околу нас и во нас – објаснува Грашеска.

Водени од важноста на емоцијата во комуницирањето, разговараме за етномузиколошкиот аспект на претходното објаснување, разгледувајќи ја искреноста со/кон публиката како форма на емотивна транспарентност, клучна за интеркултурната комуникација на глобалните уметници. Разговорот природно се враќа кон првиот импулс за средбата, или соработката со студентите од Одделот за глобална музика при Сибелиус Академијата во Хелсинки. Всушност станува збор за постдипломци, обучени да го владеат сопствениот национален идиом, но и да размислуваат креативно и глобално за музиката и културното наследство.

– Тие ù пристапија на нашата музика со огромно внимание. Прашуваа за секоја нота, за секој чуден интервал, за четврт тоновите, за приказните, за потеклото на песната и тогаш нешто се случува во нивната глава – она што тие го носат да го стават во нашиот контекст создавајќи на тој начин невидена фузија. Замислете, „Ој, мори Ѓорушице“ да биде со импровизации со музика од Танзанија, Мозамбик, Чиле, Бразил, Иран… Чудесии на кои им нема крај, а искрено, не ни сакаш да завршат. Тоа магија што ја создадовме сите заедно, ја покажавме на публиката на Etnosoi! Фестивалот, којшто сите заедно го отворивме – раскажува Грашеска.

Она, што во ова искуство таа го нарекува „магии што не сакаш да завршат“ може да се опише како импровизациско хибридизирање, односно процес во кој музичари од различни култури создаваат нова заедничка музичка форма преку импровизација, користејќи ја традицијата како основна матрица (во случајов македонската), а врз неа надградуваат транснационални ритми, модуси и стилови. Тоа е современ модел на музичка креација каде изворниот материјал не се репродуцира, туку се реактивира во нов, интеркултурен контекст, што Грашеска неколку пати го потврди, меѓу другото раскажувајќи како…

– Многу брзо станавме бенд од кој секој бараше нешто од некого: перкусионистот од Иран бараше да му го покажувам ритамот плескајќи со рацете – барем додека тој не му стане поблизок. Саксофонистот од Мозамбик ја бараше доминанта по која можеше да ја наштима својата бира – нивниот национален инструмент, девојката од Чиле го ловеше точниот изговор на некои наши гласови, а ние уживавме во нивната креативност, во нивниот и личен и национален израз – ни ја доловува таа атмосферата.

Фото: Тања Рибарска

Ѝ го кажувам моето мислење – дека секоја изведба на Дуото има пулсација која кореспондира со природната фразна драматургија на изворните песни, и дека настапувајќи, носат силен елемент на тишина од една страна, а интензивна игра со звукот и традиционалниот фолклорен материјал од друга страна. Сакајќи да дознам каков е нивниот метод во балансирањето меѓу коренот (традицијата) и модерната/експериментална форма при жив настап со странска публика, Грашеска објаснува дека…

– Кога има тишина ја оставаме публиката да се одмори бидејќи кога започнуваме со импровизација тогаш сите емоции се дигаат на 100! Станува бурно, силно, емотивно, луѓето сакаат да бидат активни членови со бендот да направат инклузија и сите заедно да се чувствуваме уште поживи! И потоа пак – тишина… Мислам дека никој не останува недопрен затоа што нашата музика од еден агол има очекуван фолклор, а од друга неочекувана импровизација која не знаат од каде доаѓа и кон каде ги носи. Како некое надреално искуство… – вели Грашеска.

Размислувајќи во која прилепска меана да ја продолжиме вечерта, таа со сигурност потврдува дека она што еден уметник може да го одведе во светот и да го доведе светот кај нас, е само автентичноста.

Фото: Тања Рибарска

– Финска за нас значи отворање нова врата кон работата. Значи дека мора многу да се работи затоа што работата никогаш не е целосно завршена. Тоа е процес кој постојно се движи и менува и ова е оро од кое никогаш не смееш да се пуштиш. Напорно е, но зарем светот се изградил без напор? Зарем до убавината и вистината се доаѓа преку ноќ? Новите искуства водат до нови видици, а ние одиме да ги „уловиме“ – раскажува со насмевка.

Нашиот разговор и двочасовната прошетка низ Прилеп потврдува дека традиција треба да биде современ дијалог меѓу локално и глобалното, интерактивен процес меѓу минато и сегашноста, експеримент што мора ја задржи и почитува автентичноста, жива практика што се храни од заедницата и се враќа назад во неа. Во гласот на Добрила Грашеска и утот на Дориан Јовановиќ, македонската традиција не е само носталгична сенка, туку пулсирачко современо тело, подготвено за нови контексти и нови слушатели.

Сподели