Крсто Глигорјадис ја доби наградата „Денес 2025“

Крсто Глигорјадис ја доби наградата „Денес 2025“ за млади визуелни уметници до 35 години. Наградата му беше врачена на отворањето на изложбата на дела од финалистите за наградата во галеријата во Чифте амам во Скопје. Глигорјадис до наградата доби двомесечен престој во Residency Unlimited во Њујорк идната година, Мила Добревска доби едномесечен престој во Галеријата „Простор“ на организацијата „Културен хаб Хрватска“ во Сплит и самостојна изложба во просторот, а Наташа Неделкова ќе има самостојна изложба во Македонија.

„Распарчено тело“ од Крсто Глигорјадис

Доделувањето на „Денес“ го организираат Факултет за работи што не се учат – ФРУ од Скопје, во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU) и фондацијата Trust for Mutual Understanding двете од Њујорк. Одлуката ја донесе жирито во состав: Хитоми Ивасаки, главна кураторка и директорка на работи од културата на Фондацијата „Исаму Ногучи“ од Њујорк, Рона Копецки, кураторка и историчарка на уметност, уметничка директорка на галеријата acb во Будимпешта, Ѓорѓи Десподов, мултидисциплинарен уметник од Македонија кој живее и студира во Хаг и добитник на наградата „Денес 2023“.

„Сето што го носам во себе“ од Мила Добревска

Наградата се доделува на годишно ниво за исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување. Досегашни добитници на наградата се: Марко Гутиќ Мижимаков, Ѓорѓи Десподов / Клелија Живковиќ / Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.

„Да остане мојата радост“ од Наташа Неделкова

Во рамките на доделувањето на наградата отворена е самостојната изложба „Сè што незабележливо ползи“ на Ивана Самандова, минатогодишна добитничка на наградата за самостојна изложба. Поставката ќе биде отворена до 13 декември.

Сподели