Пијанино „Петроф“ за основното музичко училиште „Ристо Јуруков“ во Кочани донираше „Ротари клубот Скопје“.
– Инструментот е наш начин да дадеме поддршка таму каде што најмногу вреди – кај талентите што го носат идниот развој на нашето општество. За нас, ова не е само донација, туку потврда на ротаријанската верба дека секое дете заслужува шанса да го развие својот потенцијал. Кога ќе видите дете како за првпат свири на инструмент, ја гледате надежта на едно подобро утре. Доколку можеме да придонесеме барем малку за да им го олесниме патот на овие млади музичари, тогаш нашата мисија е исполнета – вели Зоран Дранговски, претседател на „Ротари клуб Скопје“.

Иницијатор на проектот е Бобан Талевски. Според него, иако во земја како нашата егистенцијалните проблеми се меѓу главните приоритети, а уметноста е оставена на маргините, сепак преку музиката се одржува традицијата и идентитетот
– Оваа донација е само скромен придонес тоа да продолжи и во иднина – вели тој.
„Ротари клубот Скопје“ е основан во 1931 година, а неговата работа е обновена во 1995 година. Преку бројни проекти, донации и иницијативи, клубот постојано вложува во образование, здравство, култура и развој на локалните заедници.





