Дека уметничкото дело може да се види и преку допир покажа мултисензорната изложба „Музеј во куфер“ која неделава беше отворена во Музејот на современата уметност во Скопје. Составена од тактилни слики од 11 внимателно селектирани дела од колекцијата на МСУ, поставката ја посетија ученици од училиштето „Димитар Влахов“ од Скопје и членови на Здружението „Мобилност“. Дела од Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Боривој Максимовиќ се дел од експонатите во рамките на изложбата.

Водени под искусната и харизматична Бојана Јанева, кустос во МСУ и раководителка на проектот, учениците полека со прстите поминуваа низ делата и ги читаа насловите и имињата на авторите напишани со Брајово писмо.

Изложбата е дел од проектот „МСУ Ремек-дела за сите – проект за пристапност на современата уметност“. На изложбата, освен фотографии и објаснувања за делата од колекцијата, направени се и НФЦ тагови и QR кодови, проследени со аудио описи, видеа на знаковен јазик и описни текстови на Брајово писмо. Во рамките на проектот на проектот ќе се изготват и три уметнички 3Д дела инспирирани од колекцијата на МСУ.

Во проектот се вклучени и д-р Ирена Ружин, м-р Жељка Сушиќ и д-р Жељка Боснар-Салихагиќ од Хрватска, м-р Јове Парговски (автор на тактилни слики и НФЦ), Кочов Горан кој го изработи музејскиот куфер и Јана Николовски, уметник која ги изработила 3Д-тактилните дела.







