25 години творештво на Марина Цветановска-Мартиновска на изложба во Куманово

Изложбата „(Де)кодиран бит“ на уметницата Марина Цветановска-Мартиновска ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот во Уметничката галерија во Куманово. Со изложбата, уметницата ќе одбележи 25 години ликовно творештво.

Визуелниот интерес на Цветановска-Мартиновска вклучува синергија на повеќе ликовни дисциплини и широк дијапазон на медиуми во кои се изразува: скулптура, цртеж, сликарство, објект и инсталација, а ликовниот јазик од сликарски и скулпторски изведби во постакадемските години, прерасна во апсолутно концептуален модус, со длабоки филозофски предлошки. Тргнувајки од теориите за толкување на полното и празното во филозофијата на Зен и Емануел Кант, авторката во процесот на креирање на самото дело ги инкорпорира, односно ги испитува можните начини за нивната визуелизација (во скулптурата, релјефот, инсталацијата), пишува историчарката на уметноста Драгана Спасковска, историчар на уметноста.

– Во многу нејзини дела, уште од самите почетоци, играта на линијата активно учествува во градење на структурата на делото. Прикажана со помош на силиконскиот конец („Мрежест идентитет“), ласер, или црвени и црни текстилни траки, со кои се извезени, односно пронижани делата, но и просторот во еден кардиоритам, во просторните и ѕидните инсталации, линијата ја добива главната изразна функција. Го одредува ритамот на целата композиција, давајќи ѝ живот, страст, динамика и бит. Во некои нејзини композиции линијата се појавува како црвено јаже. Може да се заклучи дека токму црвеното е тоа што се провлекува како обединувачка алка низ сите уметнички циклуси на Цветановска-Мартиновска. Црвената боја има повеќеслојна симболика и го означува отпорот, борбеноста, револуцијата и непокорот на македонскиот народ низ вековите – пишува Спасковска.

Сподели