Награда од публика за „Приказната за Силјан“ на фестивал во Калифорнија, вечерва проекција на Менхетн

Филмот „Приказната за Силјан“ ја освои наградата за најдобар документарен филм според публиката на 10. Фестивал Коронадо што се одржа во Калифорнија. Македонскиот кандидат за номинација за Оскар веќе неколку недели е дел од кампањата за трка за златната статуетка.

Филмот на Котевска, во продукција на Јорданчо Петковски, Жан Дакар и Котевска, веќе се прикажува во американските киносали. „Индивајр“ го нарече „најубавиот документарец годинава“.

„Приказната за Силјан“ доби три номинации за Интернационалните награди за документаристика – за најдобар докуметнарец, за режија и за кинематографија.

Вечерва филмот ќе биде прикажан во легендарниот IFC Center во Њујорк. Веднаш по проекцијата ќе следи разговор со публиката на која ќе учествуваат Тамара Котевска (режисер и продуцент) и Жан Дакар (кинематографер и продуцент). Ова е можност американските гледачи одблиску да ја чујат приказната директно од авторите за создавањето на филмот и за неверојатниот однос меѓу човекот и штркот кој го инспирираше целиот проект.

Филмот ја започна својата светска авантура во Венеција, каде ја освои престижната награда Cinema & Arts Award на Венецискиот филмски фестивал. Тоа беше првиот силен сигнал дека „Силјан“ ќе го освои вниманието на документарниот свет. Следеа значајни награди и номинации од релевантни филмски фестивали: NY Doc, IDA (International Documentary Awards), Bergen, Cinema Eye Honors, Coronado Island Film Festival Калифорнија и ред други.

Но најголемиот доказ за вредноста на овој филм воопшто е откупувањето на правата од страна на National Geographic Documentary Films.

Сподели