На три локации денеска продолжува 15. Биенале на млади уметници кое официјално беше отворено ан 18 ноември во Музејот на современата уметност во Скопје, со изложбата „Утрото започна вчера“. Куратори се Нада Прља и Себастијан Чичоцки. Биеналето продолжува со ново поглавје вечерва во 19 часот во Музејот на Македонија со перформанси на Крсто Глигорјадис и Сергеј Калеников, и со колаборативен проект на Марија Трпеска и Стефан Анчевски. Изложбата ќе трае до 12 декември. Учествуваат: Крешник Арифи (Приштина), Ѓорѓи Десподов (Прилеп/Хаг), Естебан Девињо (Сен-Етјен/Париз), Мила Гавриловска, Крсто Глигорјадис, Милчо Манчевски и 1AM Group [посетување на првото БМУ од 1987] и Марија Трпеска од Скопје, Ана Ликар (Љубљана/Франкфурт), Стефан Анчевски (Куманово), Марго Саркисова (Покровск/Грац) и Марина Саковска (Познањ).
Денеска ќе биде отворена и изложбата во основното училиште „Јохан Хајнрих – Песталоци“ која е наменета исклучиво за учениците и не е отворена за јавноста. Учесници се: Ренеа Беголи (Приштина), Елена Димоска Николоска (Прилеп), Никола Ефремов и Саре Ќерими од Скопје и Марго Саркисова (Покровск/Грац).
Во рамките на долгорочни проекти на различни платформи и во јавни простори на Биеналето ќе се претстават Колектив „Бостание“ (јавна градина), Мила Гавриловска (фото архива), Изабела Левенска Миљаниќ (јавна и онлајн архива) сите од Скопје и ДНЛМ (јавна уметност) од Љубљана.
Наслован фотографија: Марина Саковска, Катанци, 2022–25





