Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје го објави новото издание „Островски: 200 години“ во чест на одбележувањето на 200 години од раѓањето на големиот драматург Александар Николаевич Островски, еден од најзначајните светски драмски автори и централна фигура во создавањето и во севкупната историја на рускиот национален театар. Автори на преводите и истражувачи учествуваа студентите: Јован Ковачевски, Фросина Милковска, Бранко Ставровски и Ана Тодорова. Изданието е слободно и бесплатно достапно преку официјалната веб-страница на Филолошкиот факултет во делот „Издавачка дејност“.
– Животот на Островски го зафаќа она историско време кога во вистинска смисла се формира руската театарска школа и се етаблира националниот репертоар. Од педесеттите до осумдесеттите години на 19 век Островски завршува 48 пиеси и повеќе од 700 драмски ликови, преведува дваесетина драмски класици од други европски јазици и остава многу незавршени ракописи и преводи. Во неговото време и под негово влијание сериозно се развива режијата и актерската подготовка, се воспоставува систем на повеќекратни драмски читања и генерални проби, театарот добива значајно општествено внимание и станува структуриран процес. Овој процес понатаму води до настанувањето на низа школи и методи, автори и режисери, чии принципи и дела до денес се земаат како елементарни одредници во драмските академии низ целиот свет – пишува во извадок од предговорот на уредникот Андреј Јованчевски.
Во 2021 година Катедрата за славистика ја објави книгата посветена на истоветниот јубилеј на Фјодор Михајлович Достоевски, со која започна нивниот преведувачко-истражувачки проект. (линк). Проектот го раководат Андреј Јованчевски и проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева, а е започнат пред четири години по нивна заедничка иницијатива со д-р Наталија Лапаева-Ристеска. Реализацијата на двете изданија е помогната од повеќето наставници и соработници на катедрата, а негови главни носители се студентите на студиската насока Руски јазик и книжевност. Двете книги се објавени и во печатена форма со поддршка од Амбасадата на Руската Федерација во Скопје.
Катедрата за славистика веќе подготвува ново издание посветено на 200-годишнината од раѓањето на големиот фолклорист Александар Никоалевич Афанасјев кое треба да биде објавено идната година.





