Историчарите на уметност Соња Абаџиева-Димитрова, д-р Мелентие Пандиловски и Викторија Васева-Димеска се добитници на нововостановената награда „Борис Петковски“ што ја доделува Меѓународното здружение на ликовни критичари – AICA Македонија. Наградата им беше врачена на годишниот симпозиум на Здружението кога беше врачена и наградата „Ладислав Баришиќ“ за истражувачки проект на Иванка Апостоловска-Баскар.
Абаџиева-Димитрова ја доби „Борис Петковски“ за континуирана дејност, Пандиловски за критички текст, а Васева-Димеска за теоретски/истражувачки труд. На симпозиумот беше промовирана и публикацијата „Присуство“, што ги обединува трудовите на претходните добитници на наградата, и се одржа тематска дискусија „Архивирањето како изведување на критичка пракса“ што ја модерираше Билјана Тануровска-Ќулавковски, а говореа Зоран Петровски, Слободанка Стевчевска и Владимир Јанчевски.
Според д-р Ана Франговска, претседателка на AICA, архивите, меѓу кои и музејските колекции, можат да воспостават нови системи на вредности, солидарност и сеќавање, кога се активираат преку уметнички, активистички и кураторски процеси.
На собирот беа претставени и новите членови на AICA Македонија – д-р Антоанела Петковска, професор на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје и Благоја Варошанец, кустос и ликовен критичар, вработен во Музејот на современата уметност во Скопје.





