Групна изложба на осум хрватски уметници под насловот „Инфрацрвена уметност (Infraredart) – Уметност на иднината“ ќе биде отворена утревечер во 20 часот во „Мала станица“ во Скопје. Ќе бидат изложени дела на: Дијана Назор Чорда, Ивана Ожетски, Марија Галиќ, Нада Жиљак, Јана Жиљак Гршиќ, Вилко Жиљак, Ивица Фиштер и Ивана Жиљак Станимировиќ. Куратор е Санда Станаќев Бајзек.
Изложбата, која е финансирана од македонското Министерство за култура и туризам и хрватското Министерство за култура и медиуми на Хрватска, се реализира на иницијатива и во соработка со Хрватското здружение на ликовни уметници и критичари.

Според кураторката Санда Станаќев Бајзек „Уметничкиот израз кој во себе носи особини на ново, и на формално и на изразно ниво, кој ја менува перцепцијата и ги разоткрива сликарските тајни претставувајќи своевиден визуелен феномен, се крие под името – InfraredArt (инфрацрвена уметност) и Infraredesign (инфрацрвен дизајн).
– Го претставуваме преку примери на уметници кои сликаат таканаречени „инфрацрвени слики“ или продуцираат со графички печат, како ново и различно создавање визуелно дело. Тоа создавање е втемелено на перцепцијата на бојата, односно на нејзините физички карактеристики, поточно на карактеристиките на светлината, а го има искористено и хрватскиот научен тим што ја создаде денес веќе добро познатата метода за продуцирање двојна слика – „infraredesign“ (инфрацрвен дизајн) и „InfraredArt“ (инфрацрвена уметност). Тоа се посебно креирани компјутерски графики и уметнички слики со двојна и различна содржина за визуелното и за инфрацрвеното подрачје. Едната е видлива со голо око на дневна светлина, а другата на инфрацрвена бранова должина само со помош на инфрацрвена ЗРГБ камера – објаснува таа.
Во рамките на изложбата, в среда, во 19 часот кураторката Ивана Ожетски ќе одржи презентација под наслов „InfraredArt – перцепција на бои надвор од видливиот спектар: презентација на инфрацрвено сликарство со проекција на филм за “InfraredArt“.





