Во Музејот на современата уметност во Скопје вечерва во 19 часот ќе биде отворено 15. Биенале на млади уметници. Биеналето е насловено „Утрото започна вчера“, а куратори се Нада Прља и Себастијан Чичоцки. Отворањето ќе биде проследено со перформанси на Сергеј Калеников, Јулија Кастелучи и Кристина Таневска. Годинава, биеналето има поинаква концепција и содржините ќе се случуваат во повеќе наврати на различни локации.
Вечерашната изложба ги истражува начините и процесите преку кои емоциите и интимноста се создаваат, изразуваат и доживуваат во рамките на визуелната и социјалната естетика на современиот живот.
– Таа се фокусира на тоа како новите кодови кои циркулираат во младинската култура го обликуваат нашето поимање на поврзаноста и личното изразување денес. Оттаму, преку дела кои црпат инспирација од детството или адолесценцијата, вклучувајќи музика, гејминг, аниме и други форми на пост-дигитални визуелни јазици, уметниците го испитуваат начинот на кој современите млади генерации ги конструираат и дефинираат чувствата во секојдневието – велат кураторите.
Ќе бидат изложени дела од: Џемилиана Абдулова, Сергеј Калеников, Габриела Ана Лазаревска, Изабела Левенска-Миљаниќ, Милчо Манчевски и 1AM Group [посетување на првото БМУ од 1987 година], Јана Николоска, Душан Стефановски и Кристина Таневска од Скопје, Бетул Аксу (Измир/Лондон), Ренеа Беголи (Приштина), Кичор-Бентковска (Варшава), Ангела Бошевска (Битола/Скопје), Ѓорѓи Десподов (Прилеп/Хаг), Наталија Гучева (Скопје/Гент), Драгана Заревска (Кратово/Прага), Јулија Кастелучи (Белград/Милано) и Марина Саковска (Познањ).
Изложбата во МСУ е прво поглавје од Биеналето и ќе трае до 28 ноември.
Насловна фотографија: Наталија Гучева, Home is Where the Heart is, 2024/2025, видео.





