Дури шест награди на три фестивали во еден викенд за „Диџеј Ахмет“!

Филмот „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски имаше триумфален викенд освојувајќи шест награди на три различни фестивали во само два дена. На Босфорскиот филмски фестивал филмот ги освои специјалната награда на жирито, а актерот Ариф Јакуп ја освои наградата за најдобра машка улога за насловната улога. На Севилскиот европски филмски фестивал следеа две нови признанија – Гран при на жирито и награда за најдобар актер — повторно за Ариф Јакуп. На Брауншвајг интернационалниот филмски фестивал триумфот продолжи со награда на жирито за најдобар европски дебитантски или втор филм, а ја доби и наградата од публика за најдобар европски дебитантски или втор филм.

Од својата премиера, „Диџеј Ахмет“ постојано добива одличен прием кај публиката – гледачите по проекциите со ентузијазам споделуваат дека филмот ги изненадил, трогнал и воодушевил. Токму таа искрена поддршка се рефлектира и во вниманието што го добива на меѓународните фестивали.

– Она што особено ме радува е што ваквите успеси веќе не се исклучок, туку тренд. Новата генерација македонски режисери создава храбри, современи и длабоко лични филмови кои резонираат со публика од различни култури. „Диџеј Ахмет“ е доказ дека нашите автори не само што држат чекор со европските текови, туку ги поставуваат. Овој
тим покажа дека талентот, кога е поддржан и охрабрен, може да го помести целиот регионален и европски филмски пејзаж – изјави директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.

Ова е неверојатно признание за целата екипа, особено за Ариф Јакуп и Георги М. Унковски. Македонија повторно го истакнува својот талент на светската филмска мапа“, истакна и тимот на „Диџеј Ахмет“.

Филмот е поддржан од Агенцијата за филм, како и од повеќе национални и меѓународни институции, меѓу кои Еуримаж, Eurimages, Чешкиот филмски центар, HAVC, Филмскиот центар на Србија и други.

Овој триумф покажува дека македонската филмска сцена создава автори кои не само што следат европски стандарди, туку ги надминуваат — а Георги М. Унковски веќе се наметнува како една од најсилните режисерски гласови на европската нова генерација.

Сподели