Полската „Ноќ спроти Водици – Како што милувате“. Илирија како огледало на нашите заблуди

Особено интересно во оваа адаптација е сценското функционирање на ликовите, коишто, како и самиот текст, се движат по границите на илузијата и вистинитоста

Пишува: Звонко Димоски

Второто претставување пред македонската публика на Драмскиот театар „Александер Венгерко“ од Бјалисток, Полска, се случи на вториот фестивалски ден од 11. Битола Шекспир фестивал, овој пат со своја интерпретација на шекспировата „Дванаесетта ноќ“, во режија на Игор Гожковски. Нивното прво гостување во Македонија беше во 2022 година, кога со „Макбет“ го отворија 8. издание на фестивалот. Во октомври оваа година, Битолскиот театар гостуваше на нивниот најголем фестивал „Правец Исток“ со претставата „На отворено море“, според текст на Славомир Мрожек, во режија на Благој Мицевски. Фестивалот нуди уникатен преглед на претстави што ја претставуваат културата на граничните региони, како и претстави на театри од источната граница на Полска.

Игор Гожковски е влијателен полски режисер и драматург, коосновач на Театарското студио „Коло“ во Варшава и заменик-уметнички директор на познатиот варшавски театар „Охота“. Препознатлив е по својот интимен, прочистен театарски јазик и поврзувањето на сценската уметност со урбаната клупска култура како феномен. Неговите претстави ги карактеризира блиската релација меѓу актерот и гледачот, преку адаптации кои на гледачите им нудат свеж поглед кон класиката, како и претстави коишто често се резултат на авторски сценарија.

Во „Дванаесеттата ноќ“, кај нас позната како „Ноќ спроти Водици“, Гожковски се одлучува за суптилно мешање на стилови, создавајќи притоа свет што не се потпира ниту исклучиво на современоста, ниту на строгата историска реконструкција. Наместо тоа, шекспировата измислена краина Илирија ја гради по своја мерка, како утописка и малку нереална, простор каде што текстот на Шекспир успева да дише со свеж, поетски здив, но оригиналниот ритам и јазик остануваат присутни. Неговата Илирија е место што не се обидува да биде верна реконструкција на минатото, ниту пак се фрла во агресивна модерност.

Како говорител на полскиот јазик, имав задоволство да посведочам како Гожковски умешно ги користи можностите на одличниот превод на Станислав Барањчак (1946-2014), врвен полски професор, преведувач, поет и есеист. Неговиот превод овозможува прецизна и разбирлива игра со зборовите која останува доследно поетска, со што и двајцата успеваат да ја отстранат „стравопочитта“ која често ги следи шекспировите текстови, и, да го направат делото разбирливо и атрактивно за публика од сите возрасти и искуства.

Гожковски умешно го потсетува гледачот дека самиот наслов на делото не е клучен за разбирање на неговата смисла и дејство, бидејќи во суштина „Ноќ спроти Водици“ не се однесува на празникот Богојавление, туку на последната празнична ноќ од божиќниот циклус, време на свечен крај, на хедонизам, на маскенбали и забави. И токму во таква атмосфера Шекспир ги поставува своите игри на идентитети, кои ни денес не ја губат релевантноста. Вториот дел од насловот „Како што милувате“, укажува пак на слободата на толкувањето, на желбата и волјата како двигатели на дејството, но и на современата, секогаш актуелна расправа за полот, меѓучовечките односи и потрагата по среќа. Гожковски успева да ја долови оваа течна, исклучително субверзивна, и по малку лудачка природа на делото.

Во оваа претстава ништо не е како она што изгледа, како и во оригиналот, така и во нашата секојдневна реалност. Драмата се фокусира на близнаците Виола и Себастијан, разделени при бродолом на брегот на Илирија. Виола, маскирана како дворјанин по име Цезарио, се вљубува во војводата Орсино, кој пак е заљубен во грофицата Оливија, за чија рака почнуваат да се интересираат и други жители во краината. Но, кога Оливија ќе ја запознае Виола, мислејќи дека е маж, таа се вљубува токму во неа. И така Илирија станува простор каде што љубовните игри се преплетуваат со забуните, каде маската станува и заштита и откровение, а гледачот е повикан да биде соучесник во толкувањето. Во Илирија љубовта не е само моторот на дејството, туку е силата што го движи целиот свет. Таму ликовите се заљубуваат без оглед на возраста, потеклото или искуството, и токму затоа се впуштаат во ризици, болки и авантури што ја градат комичната архитектура на делото.

Особено интересно во оваа адаптација е сценското функционирање на ликовите, коишто, како и самиот текст, се движат по границите на илузијата и вистинитоста. Најуспешниот режисерски избор, без сомнение е доверувањето на улогите на близнаците Виола и Себастијан на еден актер (фантастичниот Давид Малец). Со десетина молскавични пресоблекувања, Малец подеднакво добро игра и женски и машки лик со впечатлива прецизност и шарм, создавајќи уште подлабоко значење со идејата за род, маска и привид. Таквата подвижност на идентитетот, таа „променливост во половите“ зависна од костимот, шминката или контекстот, претставува силна врска меѓу Шекспир и нашето време на поместување граници, на нови прашања за вистината, за телото, како и за улогите што ги примаме.

Актерската екипа го носи ова добро конципирано сценско делување со впечатлива сигурност: нарцисоидниот и комично самоуверениот Орсино, во интерпретација на солидниот Бернард Бања; Оливија на Агњешка Можејко-Шековска која одлично балансираше меѓу страста, недоумицата и острината; бурните авантури на Анджеј Костурот во изведба на феноменалниот Михал Пшестжелски; мудро-горчливата духовитост на Шутот преку одличната игра на Катажина Сергеј; наивно заведениот и прешармантниот Малволио на Славомир Поплавски. Како и целата останата галерија на споредни ликови кои го движат сценскиот спектар од романтичност кон горчлива (авто)иронија, при што сите пресоблекувања отвораат простор за бројни забуни и интерпретации. Ваквите „опаки“ ситуации го носат значително хуморот на претставата, неизбежно насмевнувајќи ја публиката. Збунувачки, или непотребен за публиката може да биде ликот на Мечката, но чинам дека во идејата на режисерот, и преку неа ја внесува идејата за двојноста на идентитетот, или според покажаното на сцената, Мечката може да биде алтер-егото на некој од, или пак, на сите ликови засебно.

Визуелниот стил на претставата комбинира современи костими со класичниот јазик – едноставни одела, лелеави кошули, дополнети со впечатливи шминки, тетоважи и бои. Оваа естетика ја носи леснотијата на модерниот поп-културен јазик во рамките на класичната драматургија. Музичноста, природна за ова дело, е засилена со мотиви од поп-културата на шеесеттите години, со пејачки реплики на ликовите и финална авторска песна (Патрик Олџејевски) што ја заокружува вечерната забава.

Гожковски понуди театарско размислување кое навистина е достапно за сите, потврдувајќи на тој начин дека Шекспир, исто така, може да биде бескрајно забавен, современ и возбудлив. Неоспорен е впечатокот дека гледавме претстава што истовремено забавува и предизвикува, која ги следи шекспировските заплети без да биде заробена во нив, која ги освежува љубовните игри со современа мисловна острина.

Фото: Народен театар Битола

Сподели