Денес библиотеката поседува фонд од над половина милион книги во сите објекти – 4 матични, 14 подружници и еден библиобус
За библиотеките да имаат блескава иднина, потребни се визија, стратегија и план – каде чекориме и која е нашата цел. Библиотеките не се трошок, тие се инвестиција во образованието, културата и иднината на една држава – рече Снежана Стојчевска, директорка на скопската градска библиотека „Браќа Миладиновци“ која вчера одбележа 80 години постоење. Сместена во просториите на тогашното основното училиште „Гоце Делчев“, библиотеката започнала со работа на 15 ноември 1945 година со фонд од само 3.500 книги, од кои 500 книги за деца. Денес библиотеката поседува фонд од над половина милион книги во сите објекти (4 матични, 14 подружници и еден библиобус) и понатаму останува една од најважните културно-образовни институции во градот и државата.

– За библиотеката да го оствари својот потенцијал, потребни се просторни, материјални и кадровски услови за работа. Неопходно е да создаваме нови, современи простори кои ќе бидат привлечни за младите, но реалноста е дека ние често се бориме да го одржиме она што веќе го имаме. Голем дел од успехот е резултат на индивидуален ентузијазам и љубов кон професијата – рече Стојчевска.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски рече дека во време кога сè повеќе се оддалечуваме од книгата и читањето, библиотеките се острови на надеж.

– Историјата нè учи дека не постојат цивилизации и култури без книга, без библиотека. Ни останува обврската да потсетуваме на овој непобитен факт и да ја негуваме културата на читање, а преку неа и културата на паметење – рече Ѓорѓиевски.
Холандската амбасадорка Узлем Џанел донираше 300 книги од холандски автори на холандски јазик, но и преведени на македонски јазик, наменети за новото холандско катче во библиотеката. Таа рече дека библиотеките не се дом само за книгите, туку и за човековата суштина.

Најновите истражувања за почетоците на Градската библиотека може да се следат од 3 јануари 1934 и одлуката за формирање на библиотека на Општина на Град Скопје, податоци кои ги презентираше советник библиотекар Гордана Андреева, а кои треба дополнително да ги истражи историската наука. Во пресрет на јубилејот беше одржан и Меѓународниот библиотекарски форум на тема „Иднината на библиотеката: иновативно-креативни, применливи и одржливи практики“ со стручњаци од Полска и од Македонија, како и претставници на издавачкиот сектор, а со учество на библиотекари од десетина македонски библиотеки.

Во холот на библиотеката е поставена изложба на ретки книги од 1566 до 1954 година, значајни за науката, културата и уметноста. Збирката содржи старопечатени книги на македонски јазик, старопечатени книги на латиница од 16 до 19 век, старопечатени книги на кирилица и старопечатени книги на арапски и турски јазик. Библиотеката издаде и ексклузивен каталог, а изложбата за јавноста ќе биде отворена до 26 ноември. Јубилејот се одбележува под слоганот „Дом на сите приказни“, а автор на визуелното решение е дизајнерот Лазе Трипков.





