Македонија има голем потенцијал за развој на руралниот туризам

Македонија може да го развие руралниот туризам преку синергијата меѓу институциите, локалните заедници и приватниот сектор, заедно со современа промоција и видливост на локалните приказни. Тоа е предуслов за одржлив развој на туризмот, особено во руралните средини, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на се одржаа конференцијата за развој на туризмот и работилницата за креативен туризам што се одржа во „Јавна соба“ во копје, во рамките на Skopje design week. На собирот учествуваа министри, експерти, локални иницијативи и претставници од туристичкиот и креативниот сектор.

Љутков нагласи дека автопатот Е-75 треба да стане коридор на култура, инспирација и развој, поврзувајќи ја инфраструктурата со креативноста. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски смета дека државата работи на воведување „смарт автопат“, прв во регионот, како поддршка на туристичките текови и достапноста на дестинациите.

Преку панелот „Креативен туризам и одржливи зелени практики“ беа презентирани успешни локални примери како Spirit of Prespa, Sherpa Horse Riding и Билки лајф, кои ја демонстрираат моќта на автентичните приказни, учеството на заедниците и креативниот пристап во туристичката понуда.

Во рамки на конференцијата беше најавена и учеството на Македонија на ЕКСПО Белград 2027, каде комесарот Александар Велиновски го претстави иницијалниот модел на македонскиот павилјон – простор што ќе ги обедини природата, културата, гастрономијата и туризмот во современ концепт на национална презентација.

Заклучокот е дека креативниот туризам е економија на приказни, а за негов развој е потребна координација, промоција и заедничка визија. Со здружени напори и современ пристап, Македонија има потенцијал да го претвори својот рурален пејзаж во мрежа на доживувања што ги спојуваат природата, културата и луѓето – токму она што современиот турист најмногу го бара.

Сподели