Корчагинци се простуваат од Фросе

Почина Фросина Митрушева, професорката по математика која се пензионираше во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, која ги смени животите на многу млади луѓе што поминаа низ клупите во нејзината училница. Секогаш логична и математички прецизна, зад себе остави стотици луѓе од различни генерации со кои беше многу повеќе од средношколски наставник. Многумина ù прераснаа во блиски пријатели. А таа сите ги сметаше за свои деца.

– 38 години работам со деца, 33 се во „Корчагин“. Имав среќа во животот како ретко кој да го работам тоа што го сакам и да го сакам тоа што го работам. Тоа им го посакувам на сите мои деца – рече пред седум години во Македонската филхармонија кога ја доби титулата Корчагинска просветителка 2018“.

Во последните две децении гласно зборуваше за проблемите и ерозијата во образовниот систем. Секогаш спремна да помогне со препораки од нејзиното долгогодишно искуство. Меѓу нејзините последните јавни реакции пред две години беше грешката во нов учебник по математика во кој збирот на аглите во триаголник изнесуваше 190 степени.

Сподели