„Графика, слика, објект“ од Стефан Анчевски во Крива Паланка

Изложбата „Графика, слика, објект“ од Стефан Анчевски ќе биде отворена вечерва во 18 часот во Градскиот музеј во Крива Паланка. Тој ќе се претстави со дела од неколку циклуси работени во период од неколку години. Сите дела што ќе бидат изложени содржат комбинација од елегантност и одредена грубост, но не и бруталност чие што отсуство дава смиреност во експресивноста во корист на општиот елегантен квалитет.

– Во творештво на Анчевски постои еден континуитет на поврзување на изразот и ликовниот јазик, секогаш градејќи нова уметничка форма. Во некои слики нанесува боја во повеќе слоеви, наизменично ритмички, налик на густо исткаени мрежи од неправилни кратки вертикални и хоризонтални потези наслоени врз едноличната, најчесто темна основа. Во други дела кратките испреплетени линии се одвојуваат како неправилни форми во земјени тонови во повеќе нијанси поставени едни крај други, акцентирани со грубата материја која ја содржат во себе, при што истовремено сугерираат леснотија и тежина, вкочанетост и запрено движење и блага тензичност, засилена со остри кратки линии кои минуваат крај или низ нив – велат организаторите.

Сподели