Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва во 18.30 часот ќе се одржи разговор со Ивана Хаџиевска, инспириран од нејзината збирка есеи „Суспендирана итност“. Разговорот со авторката ќе го води Кирил Бисероски, а модератор ќе биде Александар Еленин.
„Суспендирана итност“ е збирка есеи кои Ивана Хаџиевска ги пишувала и ги објавила во периодот од 2014 до 2024 година. Тие се пишувани низ призмата на историјата, социологијата, филмот и родовата димензија. Политикологот Здравко Савески во рецензијата за книгата пишува:
– Хаџиевска посочува на очајното ниво на македонската и балканската историографија и политика на сеќавање, при што, наместо повеќе да се работи на разбирањето на националните митови, се наметнуваат поими за „историска вистина“. Хаџиевска ja има таа интелектуална храброст, толку малку почитувана, а толку многу важна – вели Савески.
Во книгата авторката ги разгледува симптомите на руптурните кризи кои го потресувале светот од 20 до 21 век. Состојбите се прикажани низ компаративни ракурси кои фокусираат локално и глобално, но наместо балканската ексцентричност, се обидуваат да ja допрат и универзалноста на проблемите на капитализмот, идеологиите и влијанието на кризите врз луѓето и заедниците.
Ивана Хаџиевска (1995) е историчарка и независна истражувачка. Дипломирала историски науки на Филозофскиот факултет во Скопје во 2018 година. Магистрирала во областа на економската историја. Истражува во полето на филозофијата на историјата, историјата на жените и политиките на сеќавање.





