Друштвото на ликовните уметници на Македонија ги врачи наградите на изложбите „Мал формат“ и „МиниАРТура“, отворени во Културно-информативниот центар во Скопје. Уметничкиот совет на ДЛУМ ги награди Ненад Тонкин за „Мал формат“ и Давор Кешќец за „МиниАРТура“. И КИЦ додели две награди за мал формат – „Вангел Коџоман“ на Никола Смилков и „Константин Мазев-Коце“ на Марија Чепишева.
На изложбите се претставени дела во дводимензионален и тродимензионален формат – цртежи, слики, колажи, скулптури, објекти, графики и дела во други техники од членовите на уметничката асоцијација.
– Малиот формат и минијатурата се чести модели на запишување на фази од процесот на реализација на ликовните дела и со тоа се дел од тековната продукција на ликовните уметници. Во тој процес и продукцијата на финални ликовни дела во помал формат е од особено значење бидејќи дава посебно место на јасната идеја, прецизноста во реализацијата на делата и актуелност на понудениот концепт – велат од ДЛУМ.
Изложбите во КИЦ ќе бидат отворени до 10 ноември.
Насловна фотографија: Извор – ДЛУМ





