Операта „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет в петок (7 ноември) во 20 часот. Диригент е гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, режијата е на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, а костимографијата – на Никола Булески. Кореографијата е на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстор – Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Ќе настапат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.
Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.





