Изложба на дела од ликовната колонија „Дрен“ во Прилеп

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва во 18.30 часот ќе биде отворена изложба на дела од 17 издание на ликовната колонија „Дрен“. Ќе бидат презентирани дела од 16 уметници од земјава, Србија, Хрватска и од Црна Гора.

– На изложбата ќе бидат презентирани 27 слики на уметници од различни старосни структури, творечки индивидуалности, ликовни сензибилитети и поетики, успешно остварени во разновидни ликовни техники, како масло и акрил, но и комбинирани пристапи кои спојуваат повеќе медиуми. Во културолошка смисла, изложбата претставува преглед на моменталниот пресек на современото уметничко творештво и потврдува континуитет во популаризација и негување на сликарската колонија, изразувајќи го нејзиното значење и вредност, со што придонесува за развојот и афирмацијата на ликовната уметност – вели Звонко Павличиќ во текстот за изложбата.

Публиката ќе види дела од Звјездана Јембрих, Јуре Кокеза и Злата Томљеновиќ од Хрватска, Звонко Павличиќ од Црна Гора, Снежана Манасиќ од Србија, Стефан Анчевски, Васко Горѓиев, Дејан Макаријоски, Верче Николоска, Александар Џинго, Ферди Булут, Марјан Стојаноски, Златко Крстески, Емил Димоски, Слободан Милошевски и Бојана Тошевска од Македонија.

Сподели