Археолошкиот локалитет Исар кај валандовското село Марвинци е населба и некропола со континуитет од 7 век пред новата ера до 4 век
Скелет од коњ од железното време открија археолозите на локалитетот Исар Марвинци кај Валандово. Тимот е од Археолошкиот музеј во Скопје го предводеше археологот м-р Јане Клековски, а учествуваа неговите колеги м-р Сања Битрак и Васил Николовски и археолозите Андриана Петковска и Игор Ширтовски.

– На римската некропола откриена е група гробови од 2 век, датирани преку монети со претстава на македонскиот коинон. Во сите нив, покојниците биле кремирани, во согласност со тогашните верувања и погребни обичаи. Во еден од гробовите беше пронајдена и сочувана дрвена подлога на која бил положен покојникот. Особено откритие претставува гробот со протома од коњ, положен на страна, кој датира од железното време, стар најмалку 26 века. Овој редок наод е значаен доказ за погребните обичаи и симболичкиот свет на заедниците во долината на Вардар пред доаѓањето на Римјаните – велат археолозите.

Археолошкиот локалитет Исар кај валандовското село Марвинци е населба и некропола со континуитет од 7 век пред новата ера до 4 век. Се наоѓа непосредно до селото, од неговата југозападна страна, на пристапна височинка со извонреден поглед кон Валандовска Котлина и долината на Вардар, пишува археологот Трајче Нацев во трудот „Археолошка проспекција со примена на геофизика на археолошкиот локалитет Исар – Марвинци“ објавен во научното списание „Македонија акта археологика“ (бр. 23).

Според Нацев, во најраниот период на своето постоење населбата зафаќала околу 5 хектари. Се протегала на Исар I – акропол на населбата подигнат на височинка пространа за опстанок. Акрополот бил закрепен со одбранбени бедеми и како таков егзистирал преку целиот хеленистички период. Во тоа време е населен и просторот на Исар II.
„Населбата од овие два пункта постапно се шири, па во текот на хеленистичкото време се населени и најблиските тераси. Конципирана на овој начин, населбата имала карактер на економски, стратешки и религиозен центар во овој регион“, пишува Нацев.
Стратиграфските податоци укажуваат на три, односно четири хоризонти на живеење, од кои повеќето се уништени со уривање. Во текот на подолг временски период (од крајот на 5 до средината на 2 век пр. н.е.) за погребување се користи јужната некропола.

„Исарот претставува значително голема населба, која својот економски потенцијал го развила под локалните услови, прераснувајќи од помала агломерација во населба од градски тип. Уште во текот на раниот хеленизам, како значајна стопанска гранка се јавува рударството што го овозможувало присуството на рудни лежишта во регионот. Материјалните остатоци зборуваат дека рудата е обработувана во самата населба. Оваа појава не треба да зачудува кога се знае дека рударството во Пајонија имало длабока традиција“, пишува Нацев.
Во времето на раното Римско Царство населбата се развива и се проширува. Веројатно во ова време западниот крај на акрополот не бил населен, но североисточниот дел има траги од живот.

„Градот во ова време доживува нагласен процут. Во 1 век претставувал автономна општина – полис, каде што постоел конвент на доселени Римјани. Кон средината на 3 век, најверојатно во времето на Готската наезда од 268 година, градот осетно настрадал. Овој историски податок се потврдува и со археолошките истражувања и со општиот впечаток за развојот на градот. Тој набргу се обновува и живее со несмален интензитет. Во текот на 3 и 4 век јужната некропола повторно се користи како простор за погребување. Со погребувањата од ова време се уништени многу постари гробови. До кога и со колкав интензитет се одржал животот на градот на Исарот сè уште не може да се утврди. Архитектонските објекти и движниот археолошки материјал го потврдуваат животот во текот на 4 век. Меѓутоа, со откривањето на монета на Исак Ангел хронолошката рамка не е дефинирана. Натамошните ископувања секако ќе внесат нова светлина во постоењето и содржината на градот во ова време“, пишува Нацев.

(В.И.И)
Фото: Археолошки музеј





