Изложба на женски портрети од визуелната уметница Христина Мазнеска

Изложбата „Фам фатал“ (Femme Fatale) од визуелната уметница Христина Мазнеска ќе биде отворена утревечер во 19 часот во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Таа ќе се претстави со цртежи на женски портрети, дигитално обработени. Дел од нив реалистично претставени, некои идеализирани, а некои претставени во постекспресионистички манир и/или ворхоловски пристап. Куратор на изложбата е Марјан Минов, историчар на уметност.

– Таа фатална жена во себе носи длабок психолошки наратив. Тој продорен женски поглед, во себе крие мигови на страв, самодоверба, интуитивност, скриена желба и страст. Таа е способна во себе да го скрие целото бреме, да се соочи со различните животни предизвици, но и да ги надмине и премине врз нив, а на површина да опстои таа женска сила, да го натера и најтврдокорниот маж да коленичи пред неа – вели Минов.

Христина Мазнеска (1995, Прилеп) завршила средно уметничко образование во „Лазар Личеноски“ во Скопје во 2014 година на отсекот за сликарство. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 2018 година на истиот отсек со модулот графички дизајн. Била на студиски престои во Загреб и во Будимпешта. Учествуваа бројни изложби, креативни работилници и фестивали за применета уметност. Добитничка е на неколку награди. Се занимава и со дигитална уметност, илустрација и графички дизајн. Изложбата во „Центар-Јадро“ ќе биде отворена до 9 ноември.

Сподели