Со проекција на филмови и концерт на традиционална јапонска музика неделава во Скопје и во Битола ќе биде одбележан „Денот на културата“ во Јапонија. Со „Денот на културата“ (Бунка но Хи) на 3 Ноември во Јапонија се прославува слободата и мирот промовирајќи ја културата, уметноста и науката. Денот се одбележува со разновидни настани, меѓу кои и церемонијата за доделување на „Орден за култура“ во царската палата во Токио, а добитници се личности со извонреден придонес во науката, уметноста и културата. Во оваа недела се одржуваат многу фестивали за уметност и култура.

Хабики и Акари Ноктурна
Одбележувањето во Македонија ќе почне задутре (4 ноември) во 19 часот во Музејот на македонската борба со традиционален нихон минјо концерт. Следува филмската програма во Кинотеката на Македонија. Сите проекции почнуваат во 19 часот, освен филмот за најмладата публика „Пингвински автопат“ кој ќе биде прикажан на 15 ноември во 11 часот.
На 13 ноември во Кинотеката ќе се одржи проекцијата на „Под отворено небо“. На 14 ноември на програмата е „Нико од рибарското пристаниште“, а на 15 ноември ќе се одржи проекцијата на „Вотакои: Љубовта е тешка за отаку“. Публиката на 17 ноември ќе го види „Изнајми мачка“, а ревијата во Скопје завршува на 18 ноември со „Бурманската харфа“.
Филмската програма ќе продолжи во Битола на 19 ноември со проекција на филмот „Под отворено небо“, а на 20 ноември ќе биде прикажан „Бурманската харфа“. Манифестацијата ја организира Амбасадата на Јапонија во земјава.





