Претставата „Мајки“ на Колектив Игралке и Рајна Рац, во продукција на Казалиште Улисис од Загреб, ќе биде изведена вечерва во 20 часот, на сцената на Драмскиот театар во Скопје. Гостувањето е во рамките на фестивалот РУТА, што ќе трае до 31 октомври.
Ова не е претстава за мајчинството. Ова е претстава за одлуката за мајчинството. Авторките, сите во т.н средни триесетти години, насетуваат дека времето за мајчинството речиси им истекува. Чувствуваат дека, во контекст на сопствените семејства, тие стануваат прва „женска генерација“ која кон мајчинството може да се определи самостојно и слободно: сите се финансиски независни, наспроти нивните баби, но и нивните мајки. Тргнувајќи од сопствените искуства, тие оваа комплексна тема – мајчинството – интензивно ја истражуваат во уметноста, во теоријата и во историјата, при што, како најкредибилни извори, несомнено ќе им се покажат интервјуата кои – во текот на создавањето на претставата – ги спроведувале со жените што се оѕвиле на јавниот повик.
Споредувајќи ги ставовите и перспективите на автентичните мајки, на жени кои свесно решиле дека ќе немаат деца, на жени кои не можат да ги имаат и на тие кои сѐ уште се премислуваат дали да раѓаат, темата на одлуката за мајчинството постапно се откривала и раскривала како сѐ поголема, непрегледна и вечна – грамадна до таа мерка што авторките заклучиле оти не може да се „собере“ само во една претстава, туку заслужува речиси музејски статус. Ама, додека таков траен музеј не биде создаден, нивната претстава за (не)мајчинството може „делумно“ да го имагинира: низ исповедните актерски прикаски, движењата, музиката, ликовноста… Накратко, низ фрагментите од „туѓи приказни“ и многупати невидливи искуства, напоредно и интимни, и „општопознати“, и митски.
Играат: Сенди Бакотиќ, Ана Марија Брѓановиќ, Ања Сабол, Ванда Велагиќ, кои заедно со Маја Лежаиќ и авторката Рајна Рац го создале и текстот.
Интервјуата ги направија студентки на Отсекот за културолошки студии при Филозофскиот факултет во Риека.





