Колажи и графики од Ивана Мојсовска Головска и Ема Димовска во КИЦ – Скопје

Изложба на колажи и графики од Ивана Мојсовска Головска и Ема Димовска, ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Културно-информативниот центар во Скопје. „Room 93“ e насловот на изложбата на Ивана Мојсовска Головска. Во интимниот свет на серијата нејзини колажи, просторот станува и засолниште и замка – псохолошки простор во кој фигурата ја преиспитува сопствената присутност. Во овие надреални сцени, блискоста и изолацијата се две лица на истата желба за поврзување. Свет што се шири до бесконечност, но во себе носи клаустрофобија.

Ивана Мојсовска Головска (р. 1993) е визуелен уметник чиј експресивен и експериментален пристап го дефинира нејзиното творештво. Дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек сликарство, каде што и денес живее и работи како независен уметник.

Нејзината практика опфаќа различни медиуми — сликарство, колажи, фотографија, инсталациja и сценографиja — преку кои таа често ја прикажува човечката емоционална комплексност во современиот свет. За неа, уметноста е начин за соочување со суровите и длабоко лични вистини на постоењето; нејзините дела ги изразуваат овие емоции преку апстрактни и експресивни форми, интензивирајќи ги чувствата на изолација и одвоеност. Во последните неколку години, Мојсовска го насочува своето внимание кон колажот — медиум што го истражува како простор на интимност, фрагментација и современа осаменост.

Досега има реализирано пет самостојни изложби, и има учествувано на повеќе од дванаесет групни изложби.

Награди: „Четирите Мајстори на Модернизмот“, Галерија ФЛУ, Скопје (2017), „The New Balkan Artistic Generation“, Osten Art Festival (2023)

„Which Self Ate Which Self“ е насловот на изложбата на Ема Димовска. Серијата графики на Димовска претставува визуелен запис на внатрешен процес во кој мислата се дели, набљудува и распаѓа. Формата не опишува, туку го анализира мигот на сопственото губење. Линијата и зборот делуваат како две свести што се одвојуваат и повторно се проголтуваат една со друга, создавајќи простор на постојано преклопување. Делата ја откриваат тензијата меѓу субјектот што создава и субјектот што е предмет на сопствено испитување. Таму, во меѓупросторот помеѓу волјата и распадот, уметноста се појавува како доказ дека секое „јас“ е процес, а не форма.

Ема Димовска (1994, Охрид) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2019), оддел графика. Ја добила наградата за најуспешно графичко дело на изложбата „Студентска графика – Драгутин Аврамовски-Гуте“ (2016). Учествувала на неколку групни изложби во земјава и странство.

Изложбата ќе биде отворена до 8 ноември.

Сподели