„Билни прилагодувања“ ќе биде отворена вечерва во 20 часот во МСУ и ќе биде поставена до 19 ноември. Кураторка на изложбата е Ивана Васева
По 18 години, мултимедијалниот ликовен уметник Оливер Мусовиќ, еден од водечките автори во својата генерација ќе го претстави своето творештво во Македонија. Изложбата „Билни прилагодувања“ ќе одбележи 30 години од неговото творештво, односно од неговата прва самостојна изложба во Уметничката галерија, Битола, во 1995 година. Неговата последна самостојна изложба „Уметникот“ беше отворена во Музејот на современа уметност во Скопје во 2007 година.
„Билни прилагодувања“ ќе биде отворена вечерва во 20 часот во МСУ и ќе биде поставена до 19 ноември. Кураторка на изложбата е Ивана Васева. Според неа, во сржта на поставката е итната потреба на симбиоза на природата и човекот и важноста на напуштените простори (наспроти култивираните простори), како простори на регенерација што ја претставуваат неуништливата бунтовна енергија на природата.
– Според теориите за третиот пејзаж или четвртата природа, токму овие нарушени земјишта се нови екосистеми што отвораат простор за да се преиспита зачувувањето на природата и на природниот диверзитет, но и нудат примери за поинакви принципи на организација врз принципи на заемна помош, солидарност и соработка, како двигатели на еволуцијата. Третиот пејзаж, според концептот на познатиот пејзажен архитект и градинар Жил Клемен се просторите што обично се третираат како занемарени – неодлучените простори, лишени од функција, тешки за именување – објаснува Васева.

Токму тоа е фокусот на последната фаза од развојната уметничка линија на Мусовиќ (1971), еден од најактивните уметници од земјава, присутен на сцената од крајот на деведесеттите години, а оттогаш и активно се претставува на светските уметнички сцени. Во последните две години тој развива фотографски серии што ги обработуваат просторите на „третиот пејзаж“ населени со рудерални екологии, односно растенија што растат на урнатини (rudus – урнатини), кои ги предизвикуваат конвенционалните поими за ботаничката убавина и достојност, а според уметникот се и неопеани херои на опстанокот и инспирираат почит со нивната приспособливост, а кои често се отфрлаат како „плевел“.
– Мусовиќ ја наоѓа својата истражувачка пасија во овие растенија и преку својот уметнички ангажман им дава можност да блеснат, да добијат заслуга за својата работа, како еден вид славење на издржливоста на животот на маргините и интригантната привлечност на „третиот пејзаж“. Овие самоорганизирани заедници без човечки интерференции не само што говорат за моќта на природата, туку и за неочекуваните моменти на шансата да се формираат поинакви заедници. Но, исто така, Мусовиќ бележи охрабрување и од филозофиите за социјалната екологија на американскиот социјален теоретичар и политички филозоф Мареј Букчин, која, всушност, е повик за општествена реконструкција по еколошки линии, која во широки термини означува дека еколошките проблеми произлегуваат од длабоките проблеми во општеството или доминацијата врз природниот свет – пишува Васева во текстот за изложбата.
Во зложбата „Билни прилагодувања“ се вклучени сериите „Обраснато“ (2023 г.), „Рудерален хербариум“ (2023-2025 г.) „Рудерален хербариум на Сингапур“ (2024 г.), „Микроклими“ (2024 г.) и „Атлас од сингапурски папратВИ“ (2025 г.), како и една серија од две фотографии, и единечна фотографија. Станува збор за истражувачки потфат манифестиран во неколку групи на фотографии, некои од нив придружени и со текст, во кои уметникот ги бележи природните феномени најчесто во форма на современи ботанички каталози, како и една дигитална публикација, целосно илустрирана и коавторирана со напредни јазични модели на ВИ, која е поставена на компјутер, за слободно разгледување. Тоа се дела што се создадени кога уметникот престојувал на уметнички резиденции во Австрија, Сингапур, Германија и Франција а кои веќе биле претставени пред тамошната публика (во Кунстраумакраде во Моедлинг, Австрија, и во Уметничкиот музеј на Сингапур), а кои по прв пат се претставуваат во земјава.
Со овие серии претставени во рамките на изложбата „Билни прилагодувања“ се заокружува една истражувачка целина на авторот што забележала различни растителни видови и адаптации во различни клими низ светот.
Оливер Мусовиќ (1971, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика, во 1997 година. Тој е визуелен уметник кој работи во повеќе медиуми, но најчесто фотографија и визуелно раскажување. Неговата практика го истражува пресекот на природата, урбаниот простор и општествената динамика, со посебен фокус на адаптацијата и отпорноста во транзициски средини.
Неговите дела се претставени во Музејот на уметноста во Сингапур (2025), Музејот на современата уметност, Загреб (2023), Музејот на современата уметност – Скопје, +MSUM Метелкова, Љубљана (2021, 2018), MACRO – Музеј на современата уметност, Рим (2004), Camera Austria, Кунстхаус Грац (20024), Фридерицианум – Касел (2003), Манифеста 4 (Франкфурт, 2002) и Истанбулското биенале (1999).
Делата на Мусовиќ се дел од јавни колекции како што се n.b.k. Берлин, МСУ Скопје, Fondazione Fotografia Модена и +MSUM Љубљана.





