Во сабота напладне (25 октомври) во Музејот на современата уметност во Скопје ќе се одржи „МСУ водич“ со кустосот Бојана Јанева. Поминете едно поинакво саботно попладне со прошетка ни трите самостојни изложби во музејот: „Самостојна изложба на Ибрахим Махама“; „Билни прилагодувања“ на Оливер Мусовиќ и „Музеј отворен до понатамошно известување“ на Џем А. Влезницата чини 150 денари. По завршувањето на прошетакат следи музички блок со Дарко Јорданов.
Куратор на изложбата на Ибрахим Махама е Нада Прља, концептуален соработник е Тихомир Топузовски, а проектен менаџер, Ангелика Апсис. Делото на Махама ја обвиткува фасадата на МСУ и претставува прва самостојна изложба на реномираниот уметник во земјава. Текстилната површина, составена од над 1.000 јутени вреќи, се секојдневно користени за транспорт на стоки и производи, првенствено во економиите на глобалниот југ, носејќи ги на себе историските траги од процесите на трудот, размената, реферирајќи на теми како глобализацијата и миграцијата, експлоатацијата и економската нееднаквост.
Куратор на изложбата на Мусовиќ е Ивана Васева. Со оваа поставка, авторот одбележува 30 години активна излагачка дејност (прва самостојна изложба – Битола, 1995) и се претставува по 18 години од претходната самостојна изложба во МСУ. Во последните две – три години Мусовиќ ги истражува „третите пејзажи“ – простори населени со рудерални растенија, растенија кои растат на урнатини и ѓубришта. Растенијата кои често ги сметаме за плевел, со својата тивка убавина за него се олицетворение на издржливост и адаптација.
Самостојната изложба „Музеј отворен до понатамошно известување“ на Џем A. е под кураторство на Јованка Попова и Никола Узуновски. Изложбата го разгледува музејот како институција што истовремено сака да биде достапна, инклузивна и современа, но и како место обременето со хиерархии, правила, и ограничувања.
Насловна фотографија: Делото на Ибрахим Махама / Извор: МСУ





