Во Офицерскиот дом во Битола утревечер во 20 часот концерт ќе одржи ансамблот „Консонанс“. На програмата се дела од Филип Иванов, Борјан Цанев и Дарко Илиевски.
Ансамблот „Консонанс“ е основан во 2007 година, на почетокот составен исклучиво од дрвени дувачки инструменти. Денес во својот состав вбројува и други инструменталисти кои го збогатуваат звукот на овој ансамбл. „Консонанс“ е посветен на изведбата на камерната музика истражувајќи ги огромните можности пред сè на дрвените дувачки инструменти кои го сочинуваат: флејта, кларинет, англиски рог, бас кларинет, како и останатите инструменти вклучени најчесто како концертни гости.
Ансамблот го сочинуваат членови од Македонската филхармонија: Здравко Ангелов – кларинет, Маја Чанаќевиќ – англиски рог, Сашко Темелкоски – бас кларинет и Елена Дојчинова – флејта како и композиторот и акордионист Дарко Илиевски. Сите музичари имаат долгогодишно искуство во оркестарската, соло и камерната музика.
Ансамблот настапувал на престижни национални фестивали и настани во Македонија како и во Црна Гора, Бугарија, Хрватска и САД. Имаат издадено и едно цеде.





