Со концертот свечено ќе биде затворено 48. издание на манифестацијата „Денови на македонска музика“. Влезот е бесплатен
Со концертот „100 години од раѓањето на Властимир Николовски и Кирил Македонски“ вечерва во 20 часот во Македонската филхармонија свечено ќе биде затворено 48. издание на манифестацијата „Денови на македонска музика“. Диригент е Борјан Цанев, а со Филхармонијата солистички ќе настапи сопранот Мила Јаневска. На програмата се: Симфонија бр.4 (1960) од Кирил Македонски и Оркестарска суита „Ин модо антико“ за симфониски оркестар (1957) и „По патиштата“, вокално-инструментален циклус за глас и симфониски оркестар (1960) од Властимир Николовски. Влезот за концертот е слободен.
Кирил Македонски (1925-1984) е еден од најистакнатите македонски композитори на 20 век, чиј опус одигра клучна улога во обликувањето на македонската музичка култура. Тој беше меѓу првите што успешно споија традиционалните македонски музички елементи со современите западноевропски музички насоки, создавајќи препознатлив стил што ја одразува националната музичка идиоматика.
– Музиката на Македонски ја носи уникатната ритмичка и мелодиска пулсација на македонскиот фолклор, кој го сметал за суштинска основа на своето творештво. О 1956 до 1960 година, компонира неколку значајни оркестарски дела, меѓу кои и четири од неговите пет симфонии. Неговиот професор, словенечкиот композитор Луцијан Марија Шкерјанц, ги опишал неговите симфонии како „силни, динамични и исполнети со сигурност во изразот преку јазикот и музичките средства на дваесеттиот век“ – велат од Филхармонијата.
Академик Властимир Николовски (1925-2001) е еден од темелите на македонската композиторска мисла. Неговото исклучително плодотворно творештво не се одликува само по обемот, туку и по длабочината, квалитетот и инвентивноста.
– Тој е централна фигура, своевидна оска околу која се движат останатите композиторски правци во македонската музика, оставајќи траен белег во нејзиниот развој. Неговото музичко творештво ги обединува речиси сите жанрови и форми на композиторското творештво во втората половина на 20 век. Создал повеќе од 140 композиции од речиси сите видови и жанрови на класичната музика, како и значаен број публицистички трудови посветени на различни прашања од музичката уметност – велат организаторите.
Маестро Борјан Цанев е еден од водечките македонски диригенти, чиј репертоар и интерпретативен пристап се одликуваат со длабока прецизност и стилска автентичност. Неговата уметничка дејност се карактеризира со аналитички пристап кон партитурата, интензивна динамичка експресија и фина артикулација, што го вбројува меѓу најзначајните фигури на современата македонска диригентска сцена.
Со својот долгогодишен ангажман како главен диригент на Македонската филхармонија, Цанев значително придонесе кон унапредувањето на оркестарската интерпретација во Македонија.
Мила Јаневска (Скопје, 1996), е талентирана сопранистка од најмладата генерација која гради импресивна интернационална кариера, настапувајќи на престижни оперски и концертни сцени и освојувајќи награди на највисоко ниво во светот на оперската музика. По завршувањето на средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, Јаневска продолжува со студии по оперско пеење на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, каде дипломира во 2020 година. Во текот на своите студии, таа активно работи со признатите професори Габриеле Лехнер, Красимира Стојанова и Ангелика Кирхшлагер, фокусирајќи се на опера, Lied и ораториум. Во 2024 година го положува магистерскиот испит со највисоки признанија.





