Големи оштетувања на Куќата-музеј на Владо Малески во Струга, заштитено културно наследство се направени за време на изградба на соседен објект. Направени се значителни оштетувања – рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, додека се правел ископ за новата градба. Владо Малески (1919 — 1984) е истакнат македонски писател и автор на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“. Вчера и денеска граѓаните рагираат и го осудуваат чинот на тотално невнимание и понижувачки однос кон објект со голема важност за нашата култура.
Објектот е под надлежност на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид. Од Министерството за култура и туризам велат дека се во координација со надлежната институција и дека се преземаат соодветни мерки.
– Стручните лица од Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во првата зона на Струга, со посебен режим на заштита кој е во согласност со Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020-2029“. При увидот се констатирани значителни оштетувања. Извештајот е доставен до Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) во Скопје за натамошно постапување – велат од Министерството.

Куќата-музеј на Владо Малески е споменик на културата заштитен со решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година. Министерството за култура и туризам остро реагира „на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава.“
И Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), чиј основач е и Владо Малески, реагирало до Заводот и музеј од Охрид.
Владо Малески е роден во Струга и е еден од најзначајните македонски писатели, општествено-политички работник, издавач и револуционер. Куќата е една од најзначајните културни објекти и симболи на антифашистичката борба во која на 23 септември 1941, во присуство на членовите на покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) за Македонија, народниот херој Кузман Јосифовски-Питу одржа конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко. Пред куќата на Малески стои биста на Кузман Јосифовски-Питу.
Фото: Фб/принтскрин





