Две претстави и панел-дискусија се на програмата на вториот фестивалски ден на 4. Интернационален фестивал „Игор Маџиров“, што беше отворен синоќа во Театарот за деца и младинци во Скопје. Фестивалот беше отворен со наградуваната претстава „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци.
Во 10 часот на сцената на Албанскиот театар ќе биде изведена претставата „Играј со мене!“ на Андреј Бока, во продукција на Детскиот театар од Суботица.
Во 13 часот во Театарот за деца и младинци ќе биде организирано драмско читање и панел-дискусија, со фокус на текстот „Празно“ на авторката Ева Камчевска. Актерите Никола Наковски, Ангела Димитровска, Матеа Јанковска и Петар Стојанов ќе читаат извадоци од драмата. А ќе следува и панел-дискусија „Животот на еден современ македонски драмски текст“. Ќе се зборува за патот на драмата од нејзиниот прв импулс до сценската светлина: од мислата што чука под површината, до телото и гласот што ѝ даваат живот.
Фокусот е на пишувањето за младата публика, но прашањата се универзални: Кои теми навистина ги засегаат новите генерации? Кога зборуваме за нив, дали навистина ги слушаме или само им го повторуваме она што сакаме да го чуеме?
Преку текстот „Празно“, Ева нè соочува со тишината помеѓу речениците, со празнината што не е недостаток, туку можност за публиката, авторот и актерот да станат едно.
Градскиот театар „Жар Птица“ од Загреб вечерва во 19.30 часот ќе гостува со претставата „Малата Фрида“ во режија на Аница Томиќ, водечка хрватска и европска режисерка: препознатлива со својот единствен театарски ракопис и ангажиран театар за возрасни. Аница првпат создава претстава за деца и првпат ни гостува во Скопје. Приказната го обработува детството на култната сликарка Фрида Кало: девојче кое губејќи сила во ногата ја осознава силата на имагинацијата. Заробена во сините ѕидови на Каса Азул, таа успева од болката да исцеди боја, и да му покаже на светот дека душата умее да танцува и тогаш кога телото одбива.





