Културниот центар „Интерарт“ во соработка со Амбасадата на Франција во земјава и Францускиот институт во Скопје ќе востановат награда „Роксан Стојанов“ наменета за млади балетски уметници, со цел да се охрабрат идните македонски таленти. Овој натпревар ќе биде отворен за млади балетски уметници помеѓу 16 и 20 години, кои ќе може да достават свои кандидатури во текот на оваа есенва и ќе бидат селектирани според прецизни уметнички и технички критериуми.
Селектираните кандидати ќе треба да подготват специјална и однапред одредена програма што тие ќе ја изведат во живо, пред интернационално жири, во текот на Скопје танц Фест, во периодот од 15 до 20 април 2026.
Наградениот уметник/ца ќе има можност да престојува една недела во Париз, Франција престој под менторство наѕЅвездата Роксан Стојанов што вклучува часови и професионални средби. Наградата ќе има шочесен одбор, кој ќе придонесе со својата работа за развој на оваа иницијатива во земјава, но и на регионално ниво, на Балканот.
Роксан Стојанов е извонредна уметница, која својата танцова кариера ја започнува во Скопје, а понатаму се развива низ европски школи, влегува во Школата на Париската опера и се оформува како уметник со високи уметнички перформанси. Во декември 2024 година, таа е прва балерина од македонско потекло која е прогласена за „Ѕвезда на Париската опера“. Во април 2025 година ја прими наградата „Менада“ за извонредни достигнувања во областа на танцот, на 21. „Танц фест“ – Скопје.
Во својата кариера Роксан Стојанов изведува врвни улоги во дела од класичниот и современиот репертоар на Париската опера, со која гостува на интернационалната сцена низ Европа, Америка, Кина и Јапонија.
Сите податоци и отворениот повик ќе се објават на страницата на Интерарт културниот центар.





