Под слоганот „Сцена за сечиј сон“, од вечерва до 18 октомври во Скопје ќе се одржува 4. издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, што го организира Театарот за деца и младинци од Скопје. Шесте претстави на фестивалот ги избра режисерката Драгана Милошевски-Попова. Фестивалот ќе ја обедини регионалната театарска сцена со претстави што „преку игра, хумор и фантазија го допираат живиот корен на човечкото искуство“.
Фестивалот вечерва ќе биде отворен со „Франкенштајн“ на Кокан Младеновиќ, претстава која изминатата недела ја доби наградата од публиката на програмата наменета за тинејџери „Мали МЕСС“, во рамките на 65. Интернационален театарски фестивал МЕСС во Сараево. На отворањето ќе присуствуваат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

В. д директорката на ТДМ, Фросина Карловиц, истакна дека фестивалот повторно ќе биде град на детската имагинација. Режисерот Игор Ивковиќ, член на Советот на фестивалот, посочи дека шесте претстави избрани за официјалната селекција „се занимаваат со малку поважни, не толку розови светови што сме навикнати да ги гледаме во детско-младинската театарска продукција“.
-Претстави што зборуваат за многу суштински теми со кои се соочуваат денешните млади генерации, нивните љубовни предизвици, нивните анксиозност и отуѓеност, рече Ивковиќ.
Поради финансиска неможност, програмата е ограничена на шест претстави иако, како што соопштија организаторите, имало голем интерес и аплицирале повеќе квалитетни претстави.
За актерката Катарина Илиевска-Силјановска, која исто така е член во Советот на фестивалот, фестивалот е многу емотивна приказна, затоа што е именуван по Игор Маџиров, како што рече, „нашиот драг и никогаш непрежален колега кој е вечно со нас“.
Утре (16 октомври) од 11 часот во Албанскиот театар игра „Играј со мене!“ на Андреј Бока, претстава на Детскиот театар од Суботица. Вечерта од 19.30 часот, на истата сцена е „Малата Фрида“ во продукција на Градскиот театар „Жар птица“ од Загреб. Претставата во режија на Аница Томиќ е приказна за детството на сликарката Фрида Кало. Организаторите најавија дека ова е претстава и за мали и за големи.
На 17 октомври во ТДМ се „Свадби на животни и нешта“ (11 и 13 часот) на Георги и Раја Господинов на скопскиот „Театар на сенки и облаци“ и „Прозорецот“ (19:30 часот) на Давид Зуазола од Темишвар, Романија.
„Како оздраве штурецот“ на Никола Завишиќ од Белград е визуелно богата претстава за детската тага и начинот на кој играта и хуморот стануваат јазик на самоисцелување. Ќе гостува на 18 октомври на сцената на Театар Комедија од 12 часот. Фестивалот ќе заврши со „Сино“ на атинскиот „Хоп Сињор“ од 19:30 часот во ТДМ. Организаторот ја најавува како храбра, апсурдно-хумористична претстава што со свеж сценски јазик ги истражува конфликтите и стереотипите во секојдневието.
Претстави (освен „Франкенштајн“) ќе се натпреваруваат за Гран при за режија и за наградите за најдобри актер, актерка, костимографија и сценографија. Жирито го сочинуваат Игор Третињак (Хрватска), Изабела Новотни (ТДМ) и Јулијана Мирчевска (АСИТЕЖ), а детското жири од седум члена ќе ја додели наградата за најдобра претстава според младата публика.
Фестивалот ќе има и придружна програма – драмско читање и панел-дискусија „Животот на еден современ македонски драмски текст”, работилница за сценско движење под менторство на српскиот актер и режисер Дамјан Кецојевиќ, и креативната работилница „Како се прави кукла”, водена од Ирина Сомборац. Сите три работилници се наменети за млада публика, ученици и млади креативци.





