Разговор со писателката Румена Бужаровска ќе се одржи во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, вечерва во 19 часот. Нејзиниот роман „Тони“, издание на Издавачкиот центар ТРИ е книга на месецот во Библиотеката и заедно со клубот на читатели се дел од 4. циклус на големата кампања на „Читаме современи македонски автори“. Разговорот со Бужаровска ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
– Напишан на жив, остар и современ јазик, во препознатливиот горчлив и истовремено духовит стил на Бужаровска, „Тони“ е роман за машкоста, за градот и за традицијата. Брутално комичен, но и длабоко трагичен, се чита во еден здив. Ова е роман што ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие – велат организаторите.
Румена Бужаровска (1981, Скопје) е писателка, преведувачка и професорка. Авторка е на романот Тони (2024) и на четири збирки раскази преведени на повеќе од петнаесет јазици. Расказите од збирките „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ добиле мноштво меѓународни признанија и рецензии и се поставени како шест театарски претстави во земјата и во странство. Бужаровска е авторка на „Господ, па Америка“ (2024), збирка есеи, како и студија за хуморот во расказот „За смешното“ (2012). Како книжевна преведувачка од англиски на македонски, превела дела од Џ.М. Куци, Луис Карол, Труман Капоти и Фланери О‘Конор. Ко-авторка и ко-организаторка е на инцијативата за раскажување женски приказни ПичПрич, а е една од трите авторки на феминистичкиот поткаст Радио Милева. Пишува колумни за регионалниот магазин „Велике приче“ и предава американска книжевност и преведување на Филолошкиот факултет во Скопје.





