Спектаклот „Господарот на танцот“ во април гостува во Скопје

Во рамки на фестивалот „Таксират“ напролет во Скопје ќе гостува „Господарот на танцот“ – глобалната сензација која го редефинира ирскиот танц. Концертот ќе се одржи на 7 април 2026 година во арената „Борис Трајковски“ со ново ексклузивно шоу со кое ќе одбележи три децении на сцената. Концертот го организира „Пасворд продакшн“.

Креатор и режисер на шоуто е Мајкл Флетли. Јубилејната програма е со нова претстава, костими и кореографија, носи и нова современа сценографија, светлосни и специјални ефекти, но и препознатливото пулсирачко темпо по кое шоуто стана легендарно. Композитор на музиката е Џерард Фахи, а јубилејните изведби стартуваат во Даблин на 5 февруари следната година и продолжуваат во селектирани арени низ Европа.

– „Господарот на танцот“ е волшебна аудиовизуелна и музичко-театарска авантура која ја пренесува публиката во митски времиња и места, го воздигнува духот и ги плени срцата на сите. Од моментот кога светлата ќе се изгаснат до последниот бис, посетителите се восхитени од магијата на мајсторски оркестрираните танцови сцени со совршена прецизност, фасцинантни костими и специјални сценски ефекти кои поставуваат нови стандарди во креативноста и сценската продукција – велат од „Пасворд продакшн“.

Создадена врз основа на ирскиот фолклор, оваа класична приказна за борбата помеѓу Доброто и Злото, претставена преку импресивниот танц, ја одушеви публиката во 60 земји ширум светот и заслужено ѝ донесе на претставата невидено признание. По светската премиера во 1996 година, „Господарот на танцот“ стана најпродаваната претстава во историјата на шоу-бизнисот во светот.

– Тајната на феноменалниот успех лежи во фактот дека преку танцот неговите пораки допираат до сите, надминувајќи ги возраста, половите, етничката припадност, религијата и културните бариери. Овој универзален јазик го претвори спектакуларното шоу во едно од современите светски чуда, во вистинска жива легенда – велат организаторите.

Билетите се веќе достапни во продажната мрежа на МкТикетс и онлајн на линкот.

Сподели