„Голем формат“ на ДЛУМ во Музејот на град Скопје

Во Музејот на град Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена групната изложба „Голем формат“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Со свои дела ќе се претстават уметници-членови на ДЛУМ. „Голем формат“ го поставува прашањето за моќта на димензиите во современата уметничка продукција.

– Големиот формат отсекогаш претставувал повеќе од технички избор – тој е израз на амбиција, на желба да се надмине границата меѓу интимното и колективното, меѓу просторот на делото и просторот на гледачот. Како што укажува Розалинда Краус, уметноста на просторот и обемот ја нарушува традиционалната рамка на сликата, трансформирајќи ја во настан, средба и телесно доживување. Во оваа поставка, големиот формат се појавува како монументален простор, но не во смисла на класичен монумент, туку како поле на слободно движење, каде енергиите се прелеваат меѓу телото, просторот и времето. Тука уметничкото дело не е само објект, туку и состојба на активно искуство – оној „простор во мене, јас во просторот“ што станува личен и колективен чин на присуство – вели проф. д-р Маја Рауник-Кирков, претседател на Уметничкиот совет на ДЛУМ.

Според претседателката на Друштвото, проф. д-р Јана Манева-Чупоска, „Голем формат“ претставува значаен програмски настан што отвора можност за ново читање на визуелниот јазик во неговите просторно најамбициозни димензии.

– Големиот формат е повеќе од техничка одредница – тој е предизвик и поттик за уметникот да ја истражи границата помеѓу интимното и монументалното, меѓу личниот израз и јавниот простор. Тој отсекогаш бил предизвик – и за уметникот и за публиката. Големиот формат ја нагласува драматичноста на гестот, ја потенцира моќта на автентичниот израз и овозможува поголема слобода во самата композиција. Уметничката површина станува „арена“ во која се преклопуваат интимното и колективното, личниот израз и авторската порака. Оваа изложба во себе ја носи идејата за уметничка храброст и за преминување на границите на традиционалниот формат, отворајќи пат кон доживувачки и монументални изрази кои му даваат ново значење на просторот и на самиот чин на гледање – вели Манева-Чупоска.

Изложбата ќе биде отворена за посета до 8 октомври.

Сподели