Фестивалот за европска литература „Букстар“ (BookStar) почетокот на своето 11. издание ќе го означи вечерва во 19.30 часот во Културно-информативниот центар во Скопје. Главните настани ќе се одвиваат во КИЦ, но дел од програмата ќе биде и на други локации. Фестивалскиот слоган е „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).
– „Букстар“ во фокусот на својот интерес годинава ја става токму домашната литература и предизвиците со кои таа се соочува. Слоганот е непосредно инспириран од делoто на Мисирков, а индиректно од неговите ставови и начинот како ги претставува и елаборира. Тој не само што поставува основи на македонскиот јазик и современата македонска книжевност, како и на културната и националната самосвест, туку и прикажува интелектуален и пишувачки габарит каков што ретко сме виделе во нашата средина. „За писателцките работи“ е повик кон разговор за суштината на пишувањето, за одговорноста и слободата на авторот, но и за интимната, често невидлива, работа која стои зад секое напишано дело и која понекогаш носи судбински промени за писателот и за средината во која создава. Слоганот е мост меѓу традицијата и современоста, меѓу македонскиот Дон Кихот и денешната европска книжевна сцена како „melting pot“, создавајќи контекст во кој читателите ќе можат да ја доживеат литературата во еден жив, актуелен, моќен и ангажиран чин – велат организаторите од издавачката куќа „Антолог“.
Годинава во фокусот се голем број македонски имиња, па публиката ќе има можност да чуе бројни разговори со Калина Малеска, Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова, Иван Шопов, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Иван Антоновски…
И годинава на овој фестивал доаѓаат светски имиња од светот на книжевноста, па македонската публика ќе има можност да ги види Петра Клабоухова (Чешка), Серај Шахинер (Турција), Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Онджеј Штиндл (Чешка), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија) и Ахмет Умит (Турција).
Ахмет Умит (1960) е еден од најпознатите турски автори на детективскиот роман. Неговиот прв роман „Магла и ноќ“ (1996) се смета за ремек-дело на детективската книжевност. Умит е автор и на графички романи со инспекторот Невзат. Филмот „Збогум, моја убава татковино“ е направен според негово сценарио. Делата му се преведени на триесет и седум различни јазици и достигнале огромна меѓународна читателска публика. Многу од книгите му се адаптирани во филмови и телевизиски серии, а некои од нив и како театарски претстави.
Мајнхард Раухенштајнер (1970) е австриски писател, кој публикувал во дневни весници и во периодични списанија. Седум години предавал на Универзитетот за применета уметност во Виена, на отсекот за фотографија. Повеќе од дваесет и пет години работи во Претседателскиот кабинет, а во моментов е раководител на Одделот за наука, уметност и култура на претседателот на Австрија. Од филмската продукција, познат е по кратките филмови „Есен“ (UA Diagonale 2016), „Папа Рома“ (UA Diagonale 2020) и „Антифашистичка зоолошка градина“ (UA Diagonale 2022).
Онджеј Штиндл (1966) е чешки писател, новинар, филмски и музички критичар, сценарист и ди-џеј, познат по неговиот придонес кон современата чешка литература и медиуми. Штиндл е автор на повеќе романи. Во 2020 година ја добил престижната награда „Фердинанд Пероутка“ за неговиот новинарски труд, која ја признава неговата голема улога во чешките медиуми и култура.
Петра Клабоухова (1980) е чешка писателка и новинарка. Работела како музички менаџер за независни рок-артисти во Европа и САД, каде што организирала концерти во живо. Таа ги претставувала рок-бендовите „Hollywood Vampires“ (основан од Алис Купер, Џони Деп и Џо Пери), „SEX Department“ и „Rock N Roll Army“ на нивните турнеи низ Европа, САД и Јапонија, и учествувала во продукцијата на нивните музички албуми.
Серај Шахинер (1984) е турска писателка. Работела како новинарка за култура и уметност во неколку весници. Пишува проза и публицистика. Добитничка е на неколку награди за расказите и за романите, а дел од нив се поставени и како театарски претстави. Делата на Шахинер се насочени кон класните прашања и напишани се со хумористичен стил, со жени во центарот на вниманието.
Шоле Резазаде (1989) се преселила во Холандија од Иран во 2015 година. Три години по нејзината преселба, потпишала договор за првиот роман „Небото секогаш е виолетово“ за кој ја добила Наградата за дебитанти на Друштвото за холандска книжевност и Наградата на публиката „Бронзена був“. Нејзиниот втор роман „Знам планина што ме чека“ доби Специјално признание од Наградата за литература на Европската Унија (2024) и беше номиниран за Наградата за книжевност „Амарте“ и за Наградата за книга за природа. Таа е ценета рецитаторка и јавна говорничка.
За време на фестивалски денови ќе се одржат бројни настани, поткасти, разговори, средби со млади читатели, потпишување книги. Екслузивен настан годинава ќе биде „На кафе со Ахмет Умит“, кој ќе се одржи на 2 октомври во „Рамстор мол“. Влезот на сите книжевни настани е бесплатен.
Во рамки на фестивалот ќе биде доделена и наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик.
„Букстар“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Чешка, како и на Чешкиот литературен центар. Официјален фестивалски пијалак е „Скопско“. Дизајнот на плакатот е дело на Гордана Вренцоска. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија.





