Претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театарот за деца и младинци од Скопје освои четири награди на 5. Меѓународен фестивал на куклена уметност – ФЛУМ 2025, што се одржа од 21 до 26 септември во Мостар. Меѓу наградите, овој театарски ансамбл освои и Гран при за најдобра претстава. Жирито ја награди продукцијата и во други категории: награда за најдобра режија – Јакуб Максимов, награда за најдобра сценографија и креација на кукли – Олга Зјебињска и награда за колективна глума и анимација – ансамблот на претставата.
Со овие признанија, „Роња, ќерката на ограбувачот“ освои вкупно 18 награди на домашни и меѓународни фестивали.
„Роња, ќерката на ограбувачот“ е работена според истоимениот роман на светски познатата шведска писателка Астрид Линдгрен (авторка на „Пипи Долгиот Чорап“), а во адаптацијата се преплетуваат динамичен сценски ритам, музички сегменти и визуелно впечатливи решенија. Приказната го следи растењето на храбрата и независна Роња, која во свет на ривалски банди и фантастични суштества открива што значи пријателство и избор на сопствен пат.
Во претставата играат: Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска-Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов.
ФЛУМ 2025 во својата натпреварувачка програма претстави десет продукции од Бугарија, Унгарија, Чешка, Шпанија, Словачка, Хрватска/Кореја, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина.





