Игор Исаковски, освен што беше поет, преведувач, прозаист, визионер, беше и голем поврзувач и премостувач. Неговото визионерство е важно и тоа што го зборуваше пред повеќе од 10 години дека пишувавме поезија за малку луѓе, за 100 луѓе, еве денес се и 500, со што докажуваме дека бил во право – рече Елизабета Баковска, приредувач на книгата „Совршен поет“, со собрана поезија, што ја издаде „Или-Или“ од Скопје, на промоцијата што се одржа во кафе-книжарницата „Буква“.
Настанот беше организиран токму на 55-годишнината од неговото раѓање. Игор Исаковски е роден на 19 септември 1970 година. Голем број негови пријатели, почитувачи на неговата поезија и на се што тој остави во наследство, беа присутни на промоцијата.

Ненад Стевовиќ, главен и одговорен уредник на „Или-Или“, раскажа за идејата за создавањето на ова капитално дело на 700 страници.
– Идејата тргна од фактот дека повеќето книги на Игор веќе ги немаше во продажба, а сметавме дека неговата поезија извонредно комуницира со денешните генерации и со времето што го живееме и сметавме дека оваа книга треба да ја има. Игор е човек со кого се дружевме долго време и бевме решени ова да го реализираме. Нашата заслуга е тоа, за сè друго најзаслужен или единствено заслужен е самиот Игор со сето она што го работел во децениите на неговото книжевно живеење. Ние ги собравме тие негови стихови и ги вдомивме во убава книга. Тие стихови имаат убав дом и знам дека тој дом сите ние многу често ќе го посетуваме – истакна Стевовиќ.
Книгата хронолошки го следи патот на Исаковски. Освен печатените дела, вклучени се и песните од збирката „Небо“ која во 1996 година беше објавена електронски, како првата е-книга во Македонија, што според Баковска е показател на неговото визионерство.

Јовица Ивановски (фото: Сашо Димоски)
– За мене ова е еден посебно емотивен момент. Доаѓајќи наваму си реков дека имам повеќе трема денес отколку за книга што јас сум ја напишала. Од оваа перспектива интересно е што многу сме зборувале за Игор, а сè уште имаме нешто ново да кажеме. Книгата ги содржи сите песни што излегле како печатени изданија. Избравме да ги објавиме песните што излегле како печатени збирки. Ја има и „Небо“, што излегла во 1996 – само електронски објавена. Има околу 560 песни, меѓу збирките издал и избор на поезија. Освен севкупниот корпус на неговата поезија пишувана во период од 23 години, може да се следи и развоен пат, што е школски пример како треба да се развива еден поет. Од младешкиот потенцијал што се гледа, до последната збирка во која доаѓа неговата апсолутна зрелост. Поезијата мора постојано да создава нови метафори со што го збогатува и облагородува јазикот на кој е напишана, велеше Игор – рече Баковска и им се заблагодари на членовите на неговото семејство за целосната поддршка во издавањето на ова дело.

Ненад Стевовиќ и Елизабета Баковска (фото: Сашо Димоски)
На промоцијата младите поети Андреј Медиќ Лазаревски и Ивана Јовановска, како и поетот, колумнист и преведувач Тихомир Јанчовски читаа песни од Игор Исаковски, а поетот Јовица Ивановски прочита и две сопствени песни посветени на Игор.
Беше прикажан и документарниот филм „Брод тргнат кон немерливото“ во режија на Сашо Димоски, со сведоштва за значењето на поезијата на Игор Исаковски. Димоски е автор на фотографиите објавени во книгата.

Тихомир Јанчовски (фото: Сашо Димоски)
Освен како поет и писател, Исаковски беше и основач, издавач и уредник на „Блесок – литература и други уметности“, првото европско интернет списание за култура и уметност кое од 1998 година излегува на македонски и англиски јазик, како и на други европски јазици, во согласност со неговите начела за значењето и на оригиналните дела и на преводите.
Тој ќе биде запаметен и како поврзувач, човек кој создаваше врски меѓу луѓето кои понатаму доведуваа до плодни нови ангажмани. Како издавач овозможуваше осознавање и нова видливост и на нови и на етаблирани автори, секогаш водејќи се од критериумите за висок квалитет.
Насловна фотографија: Сашо Димоски





