Балетот „Поема за талкањето“ во кореографија на Игор Киров во Русија

Во Перм, Русија вечерва ќе биде изведен „Поема за талкањето“ во кореографија на Игор Киров. Станува збор за балет во еден чин работен во соработка со танцовата компанија „Евгениј Панфилов“, еден од пионерите на модерниот танц во Русија. Балетот е инспириран од „Реквиемот“ на Моцарт и „Божествената комедија“ на Данте.

– Создадени со разлика од речиси пет века, тие се длабоко сродни и настанале како последица на судирот на човекот со феноменот на смртта. Во двата може да се следи патот од темнина кон светлина, од тага, страв и очај, преку молитва кон апсолутен мир. Соборниот звук на Моцарт е налик на минувањето на Данте низ Пеколот, Чистилиштето и Рајот. Балетот, изграден врз сакралната структура на Моцарт, се состои од три дела и раскажува за трансцендентното патување на главниот јунак, за колективната трансформација, за потрагата по повисока смисла и божествена љубов, олицетворена во ликот на Беатриче – пишува во најавата.

Балетот е насочен кон нашето време. Во епоха на раздвоеност и неизвесност, визијата на Данте за морален поредок и повисока смисла изгледа особено актуелна. Музиката на Моцарт, која умее совршено да ја соедини болката и утехата, создава емотивна основа за ова патување.

Сподели