По 46. пат Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола ќе ја отвори својата врата за светлината на камерата. Овој фестивал е повеќе од традиција, тој е жив организам, пулс на едно општество што сака да биде витално, храбро и отворено за промена. Ќе биде отворен вечерва во 20 часот со македонската премиера на филмот „Мајка“ во режија на Теона Стругар-Митевска.
– Целосно подготвени и возбудени го започнуваме 46. издание на првиот и најстар фестивал на филмска камера во светот, во полн сјај. „Браќа Манаки“ и Битола, една недела ќе бидат центарот на филмски случувања во светот. Ќе пречекаме великани, оскаровци, врвни автори како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, нашите лауреати. Тие ќе одржат мастеркласови, ќе престојуваат во Битола и ќе се дружат со нас за време на фестивалот, рече Димитрија Доксевски, директор на фестивалот.

Бранкица Толевска и Димитрија Доксевски
Во главната програма нè очекуваат филмови што доаѓаат од храмовите на светскиот филм Кан, Венеција, Берлин и кои носат со себе свежина во визуелниот јазик, естетска извонредност и авторска совест што зборува за времето во кое живееме.
– Имаме огромна број акредитирани гости кои ќе присуствуваат во Битола за време на целиот фестивал. Исклучителен избор на филмови од официјалните програми. Имаме филмски ремек-дела кои се дел од специјалните проекции. Исклучителни гости кои ќе бидат дел од работилниците, предавањата и панелите на кои ќе говорат докажани и еминентни автори, рече Доксевски.
Фестивалот ја враќа и програмата „Макпоинт“, зљшто македонската продукција заслужува да биде гледана и препознаена.
-„Макпоинт“ програмата има одлични македонски филмови кои публиката ќе може да ги гледа под отворено небо на платото пред Офицерскиот дом во Битола. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на целата логистика и помош од Битола. На директорите на Центарот за култура-Битола, Кино Манаки, Офицерскиот дом и сите вработени. Со овие институции договоривме за време на фестивалот за сите проекции на филмовите студентите да имаат 50 % попуст, со цел младите да можат да проследат што повеќе филмови. Да сонуваме филмски наредниве седум дена и да уживаме во еден од најубавите фестивали, нашиот „Браќа Манаки“, рече Доксевски.
На прес-конференцијата се обрати и Бранкица Толевска, раководител на бизнис трансформација, корпоративна стратегија и корпоративни комуникации во А1 Македонија, кои се генерален спонзор на фестивалот. Тие препознаа квалитет и несебично го поддржаа.
-А1 Македонија од оваа година застанува зад фестивалот „Браќа Манаки“ како генерален спонзор, како партнер на фестивалот. Самата програма на фестивалот говори на неговиот квалитет и сакам да подвлечам дека сме горди што сме партнери. Но, имаме и одговорност и ќе се трудиме да го подигнеме фестивалот на уште повисоко ниво. Им благодарам на филмаџиите, на директорот на фестивалот и целата организација на „Браќа Манаки“ што ни дозволија да го живееме овој сон на платно, рече Толевска и посака успешни фестивалски денови.





